Ево Моралес поднесе оставка
Foto

Ево Моралес поднесе оставка

Повеќенеделните масовни протести и големиот притисок што го наметна војската резултираа со оставка од страна на боливискиот претседател Ево Моралес, кој на функцијата беше повеќе од 14 години. Тој, во обраќање до јавноста пренесувано на социјалните мрежи се збогува од народот, нагласувајќи дека станува збор за државен удар и дека ќе ја продолжи борбата за мир и еднаквост.

„Поднесувам оставка за нашите браќа и сестри, државните службеници да не бидат на мета на напади и закани. Браќа и сестри, ова е државен удар, но сакам да ви кажам дека со ова нашата борба не завршува, ќе продолжиме да се бориме за еднаквост и мир. Сега наша должност е да ја смириме ситуацијата.“ - изјави Ево Моралес – поранешен претседател на Боливија.

Оставка од функцијата, поднесе и потпретседателот Алваро Ггарсија Линера, по што Моралес повика на итни разговори со опозицијата. Славењето на оставката на Моралес се претвори во невидена агресија и насилства. Демонстранти ја демолираа претседателската палата, откако претходно палеа домови  на функционери блиски на Моралес. Први реакции за ситуацијата во Боливија пристигнаа од неколку јужноамерикански држави. Венецуела, Мексико и Перу го осудија државниот удар против боливискиот претседател, по што Мексико веднаш му понуди азил. И официјална Москва смета дека во Боливија се случил „исцениран државен удар“.

„Многу загрижува тоа што за време на политичката криза во земјата, подготвеноста на владата да се пронајдат конструктивни решенија низ дијалог се отфрлени и со развојот на настаните потсеќаат на државен удар.“ - велат од МНР на Русија,

Насилствата и немирите во Боливија започнаа после одржувањето на претседателските избори кон крајот на октомври на кои Моралес победи, но опозицијата го обвини за изборен фалсификат. Во нередите беа убиени три лица, а над 300 беа повредени.

0 Коментари

Остави коментари