Евакуирани првите македонски државјани од Израел
Првата група македонски државјани успешно се евакуира од Израел – доцна во ноќта со владиниот авион тие пристигнаа на скопскиот аеродром. Осумте лица меѓу кои и четири деца се евакуираа преку Египет како дел од поголем конвој. По пристигнување на Египетска територија, македонската амбасада во Каиро го организираше нивниот лет до Скопје од аеродромот во Шарм ел Шеик.
МНР: Со оваа операција нашата земја се вбројува меѓу првите во Европа кои организираа и реализираа безбедно враќање на свои државјани од зоната на конфликт на Блискиот Исток. Министерството, преку дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, останува во континуирана комуникација со останатите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел.
Од МНР информираат дека втората група од 20 македонски државјани кои исто така побараа да бидат евакуирани, по своја волја сепак и понатаму остануваат во Израел. Тие побарале евакуацијата да се изврши директно а не преку трети земји.
Во Израел засега останува и дипломатскиот персонал, потврдија вчера за ТВ24 од македонската амбасада, но посочија дека официјално не коментираат за евакуацијата на македонските државјани, туку дека информирањето е централизирано преку Министерството за надворешни работи.
Амбасада на Македонија во Тел Авив: Можеме само да потврдиме дека сме добро. Остануваме во Тел Авив како и останатите дипломати.
Во амбасадата како и во МНР остануваат отворените контакт броеви за помош на македонските државјани.
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk
До сега 28 македонски државјани се пријавиле за евакуација, но проценката на МНР е дека всушност околу 100 наши државјани се наоѓаат на израелска територија. Освен македонските државјани, вчера и рано изутринава се евакуираа и неколку стотина лица од Балканот меѓу кои се 105 грци, 89 бугари, 12 срби и 5 албанци.