Евакуирани над 400 лица по морски пат од плажата во Сивири поради големиот пожар

Со чамци и бродови на крајбрежната и противпожарната служба, со приватни и рибарски чамци, но и со траект што сообраќа од Солун до островите од групата Споради, вкупно 446 лица, туристи, жители и оние кои попладнево беа во приморското место Сивири на првиот крак на Халкидики, по морски пат успешно беа евакуирани поради големиот пожар, јави дописничката на МИА од Атина.

Пожарот сè уште не е ставен под контрола, меѓутоа вечерва ситуацијата е значително подобрена, а на Халкидики пристигнуваат дополнителни противпожарни сили од повеќе делови на Грција.

Според податоците од крајбрежната служба на Грција, 250 лица од плажата во Сивири се безбедно пренесени во марината во Сани, додека пак 196 лица се во траектот „Спидранер“ што сообраќа од островите Скијатос, Скопелос и Алонисос до Солун и засега сè уште не е јасно дали ќе бидат префрлени во Солун.