Еуростат: Инфлацијата во еврозоната во август на ново рекордно високо ниво од 9,1%

Континуираното зголемување на цените на енергијата и храната, ја забрза инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната. Таа надмина девет отсто во август и достигна нови рекордни нивоа, покажаа податоците на Еуростат. Првата проценка покажува дека растот на потрошувачките цени во 19-те земји кои ја делат заедничката валута, споредено со јули, потрошувачките цени во еврозоната се зголемени во просек за 0,5 отсто. Главната причина за континуираното зајакнување на инфлацијата и натаму е скокот на цените на енергенсите, војна во Украина и неизвесноста  во снабдувањето со руски гас за Европа. Цените на енергијата во последниот месец во еврозоната беа за 38,3 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година.

Забрзан е растот на цените на храната, алкохолните пијалоци и тутунските производи, на 10,6 отсто од јулските 9,8 отсто. Без нестабилните цени на енергијата и храната, инфлацијата повторно забрза, на 5,5 отсто, од 5,1 отсто во јули.