Еуростат: Граѓаните на Македонија земаат најниска минимална плата заедно со босанските
Висината на минималната плата која ја земаат дел од вработените во Македонија е најниска заедно со онаа која ја добиваат граѓаните на Босна и Херцеговина, објави Евростат – институција која е надлежна за статистичките податоци на Европската Унија. Доколку направиме споредба со земјите од сосетството ќе може да се забележи дека со следното зголемување кое се очекува од март ќе бидеме на речиси идентична сума со минималецот кој се исплаќа во Албанија, односно 350 евра, потоа во Србија минималната плата изнесува нешто над 400 евра. Од поранешните југословенски држави, сега членки на Европската унија, во Хрватска минималецот е речиси 700 евра, а во Словенија минималната плата близу 1200 евра.
Од Сојузот на синдитати за ТВ 24 велат дека мора да се продолжи со континуирано зголемување на минималната плата.
„Минималната плата треба да е основна точка како се пресметуваат останатите плати. Минимална плата е за човек кој вчера влегол на работа, што нема минат труд, што нема други надоместоци, празници и прекувремени часови. Тоа не е плата која треба да биде за 350 илјади луѓе во државата“, вели Иван Пешевски потпретседател на ССМ.
Сојузот на стопански комори смета дека владата морала да воведе мерки за компаниите како би им се подобрила финансиската кондиција на подолг рок. Нивниот став е дека растот на минималната плата ќе значи дополнителен раст на трошоците на компаниите, затоа што по минималната плата ќе треба да се зголемат и останатите плати во компаниите.
„Директно, минималната плата прави притисок и врз останатите плати во компаниите за да се зголеми вредноста, затоа што на даден вработен кој што е на одредена позиција доколку му ја покачите цената нормално е дека неговиот колега го гледаат тоа и сите реагираат дека треба и останатите да добијат зголемување на платите. А тоа ќе се случи во сите компании“, велат од Сојуз на стопански комори.
Ставот на властите е дека благодарение на нивните мерки се подобрени условите во приватниот сектор а со тоа стопанствениците иомаат можност за зголемување на платите на своите работници.
Ништо подобра состојбата не е ниту во јавниот сектор и државната администрација. Официјалните податоци велат дека поголемиот број на вработени под државна капа земаат плата која според висината е поблиску до минималната од колку до просечната плата која изнесува нешто над 38 илјади денари.
Следната загарантирана сума која ја добиваат работниците како минимална плата треба да изнесува 22 500 денари.