ЕУРО2020: Полска со автогол и црвен картон поразена од Словачка
Foto

ЕУРО2020: Полска со автогол и црвен картон поразена од Словачка

Словачка со фудбалер повеќе на стадионот во Санкт Петерсбург ја совлада попладнево Полска со 2:1 (1:0) во воведниот натпревар од групата Е на ЕУРО2020.

Словаците беа подобар противник во првото полувреме и поведоа во 18 минута со помош на полскиот чувар на мрежата Војчех Шчесни, кој стана првиот голман со автогол во историјата на Европските првенства.

Полска ја анулираше негативата по само триесет секунди во второто полувреме преку Карол Линети, но влезе во нови проблеми во 62 минута кога поради втор жолт картон беше исклучен Гжегорж Криховијак.

Словачката репрезентација брзо ја искористи бројчената предност на теренот и го врати водството со голот на Милан Шкринијар во 69 минута.

Полска беше блиску до освојување бод во судиското продолжение, но обидот на Јан Бендарек за неколку сантиметри заврши покрај словачкиот гол.

Во вториот натпревар од воведното коло во групата Е, Шпанија вечерва во Севиља е домаќин на Шведска.

0 Коментари

Остави коментари