„Еурактив“: Софија му порачува на Скопје да се држи до обврската за уставни промени

Новата бугарска влада објави дека одбива да преговара со Македонија за условите под кои Скопје може да ги започне преговорите за членство во ЕУ, пишува денеска бриселскиот портал „Еурактив“.

Медиумот понатаму нагласува дека минатата година во земјава дојде до промена на власта и дека новата влада на чело со премиерот Христијан Мицкоски ветила дека „нема да ѝ прави отстапки на Софија“. Текстот на Еуроактив доаѓа во време кога Мицкоски најавува отвореност за средба со новата бугарска влада како би се надминал отворениот спор кој настана откако претходната Влада вети дека ќе го смени Уставот и во него ќе го вметне бугарското малцинство, но за тоа не успеа да обезбеди мнозинство во македонското Собрание.

Но, бугарската влада сега вели дека нема за што да се преговара, и таа порака неодамна ја прати и новиот министер за надворешни работи.

Претседателот на Владата, Мицкоски најави дека ќе побара средба со бугарскиот премиер Росен Жељазков. Македонската влада долго време очекуваше во Бугарија да се формира политичка стабилна влада со која ќе се разговара за европската интеграција на земјата. Услов за автоматско одржување на Втората меѓувладина конференција со Македонија и втората фаза од почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е вклучувањето на Бугарите во Уставот, што за владата на ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и повлекување од националните интереси, сторено од претходната влада на СДСМ.

Од опозицијата пак остануваат на ставот дека преговарачката рамка е добро решение за земјава и дека уставните измени се единствен пат кон ЕУ.