„Еурактив“: Софија му порачува на Скопје да се држи до обврската за уставни промени
Новата бугарска влада соопшти дека одбива да преговара со Северна Македонија за омекнување на условите под кои Скопје може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“.
Пред три години, Бугарија и Северна Македонија постигнаа договор, со посредство на Франција, за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западниот Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Северна Македонија, стои во текстот објавен денеска.
Авторот на написот натаму наведува дека лани дојде до промена на власта во Скопје и дека новата влада предводена од Христијан Мицкоски ветила дека „нема да направи отстапки кон Софија“.
„Еурактив“ ја пренесува изјавата на Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето, но посочува дека првите сигнали од бугарска страна се дека нема да има обнова на дијалогот.