ЕУ воведува сет мерки за подобра заштита на патниците во авиосообраќајот
Земјите членки на ЕУ постигнаа политички договор за ревизија на прописите за правата на патниците во авиосообраќајот и за одговорноста на авиокомпаниите, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што соопшти Советот на ЕУ, измените имаат за цел да се воспостават поедноставни и појасни правила за подобра рамнотежа помеѓу високото ниво на заштита на патниците и зачувувањето на еднаквите услови за цивилниот авиосектор во рамките на Унијата.
Полскиот министер за инфраструктура Дариуш Климчак, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, изјави дека ревидираните правила ќе донесат над 30 нови права за патниците во авиосообраќајот.
- Тие ќе се применуваат од моментот кога ќе купите билет, па се до пристигнувањето на крајната дестинација, а во некои случаи дури и потоа, изјави Климчак.
Според него, овој договор претставува „историска пресвртница“, бидејќи земјите членки на ЕУ во изминативе 12 години не можеа да се усогласат за промена на овие правила.
Со измените, меѓу другото, се воведува „право на пренасочување“, врз основа на кое авикомпаниите се должни во случај на откажување на нивните летови во рок од три часа да им обезбедат на патниците патување со други превозници или со алтернативни начини на превоз . Во случај на непочитување на ова правило, патниците имаа можат сами да организираат пренасочување и да побараат надомест во износ до 400 отсто од цената на купениот нов билет.
Авиокомпаниите со измените ќе бидат обврзани да им им пружат помош во форма на освежување, храна или сместување на патниците во случај на доцнење на летовите повеќе од три часа.