ЕУ: Во 2024 година изгоре 3,6% од територијата на Македонија
Долгоочекуваниот дожд добредојден. Ги изгасна пожарите, но црната статистика остана. Годинава во Македонија изгореа шуми колку претходните 10 години заедно, велат податоците на службата на ЕУ за следење на животната средина, односно од почетокот на летото во државата изгореле повеќе од 85.000 хектари.
- Оваа година изгореле над 94 илјади хектари во земјава, што е 9 пати повеќе од просекот на пожари од 2006 до 2023 година, а најголемата изгорена површина во овој период изнесувала 11.827 хектари, во текот на 12 месеци. - Европски информативен систем за шумски пожари.
Дека дождот помогна во гасењето на сите пожари на отворено, сподели денес и Центарот за управување со кризи, кој информираше дека само во текот на вчерашниот ден имало 22 пожари на отворено. Дирекцијата за заштита и спасување, пак, вчера информираше дека имаат на располагање само еден функционален ер-трактор за гаснење на пожарите, додека другите два се нефункционални, на што денес реагираа и од опозициската СДСМ.
„Два од трите ер-трактори не се исправни а во исто време и два полициски хеликоптери кои се опремени за гаснење на пожари се во дефект. СДСМ остро ја осудува оваа катастрофална ситуација која е резултат на негрижата и неспособност на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повторно ли е СДСМ крив што не ги сервисирале ертракторите и хеликоптерите на време? Ова не е случаен пропуст, туку јасен показател за односот кон кризата со пожарите на ВМРО-ДПМНЕ.“ - велат од СДСМ.
Сезоната на пожари годинава сериозно ја зафати Македонија. Пламени јазици, опожарени куќи, вознемирени граѓани, повредени пожарникари, зачадени градови, од час во час се појавуваа нови жаришта ширум државата, а битката со огнот ја водеа голема бројка луѓе, како од копно, така и од воздух. Алармантна беше ситуацијата речиси цело лето. Само во август, бројни шумски пожари излегоа надвор од контрола.
Како одговор на итните барања за помош од локалните власти, беше активиран Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, а како резултат на тоа, беа распоредени десет воздушни противпожарни тимови од шест различни земји-членки на ЕУ, за да помогнат во контролирањето на пожарите.