ЕУ разгледува ограничувања на трговијата со Израел и санкции за екстремистички министри 

Европската комисија претстави планови за ограничување на трговијата со Израел и воведување санкции за поединци во неговата влада, што би било најстрогиот одговор на ЕУ на војната во Газа, пренесува Би-Би-Си. 

Предлогот на Урсула фон дер Лајен предвидува суспендирање на делови од договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, со што израелските производи би изгубиле привилегиран пристап до европските пазари. 

Мерките таргетираат и министри од израелската влада, „насилни доселеници“ и структури кои поддржуваат неказнивост на Западниот брег, како и Хамас. Сепак, нивното усвојување е неизвесно, бидејќи трговските ограничувања бараат квалификувано мнозинство, а санкциите – едногласност. Германија и Италија се против, додека Ирска и Шпанија бараат уште построги чекори. 

ЕУ е најголем трговски партнер на Израел, но економскиот ефект од укинувањето на царинските поволности би бил ограничен и се проценува на околу 227 милиони евра годишно. Засега единствена мерка што веднаш стапува на сила е суспендирање на билатералната поддршка за израелската влада, која изнесува 9,4 милиони евра за тековниот период. 

Израел ги отфрли предлозите како „морално и политички искривени“ и најави реципрочен одговор.