ЕУ предвидува 3,7 проценти економски раст во Македонија, Владата објави седум повици за финансиска помош
Foto

ЕУ предвидува 3,7 проценти економски раст во Македонија, Владата објави седум повици за финансиска помош

вропската унија предвидува економскиот раст во земјава годинава да биде 3,7 проценти и закрепнувањето да се забрза во текот на годината. Очекувањата се дека следната година растот на економијата би бил 3,8 проценти. Закрепнувањето, според ЕУ, ќе се должи главно на домашната побарувачка, додека надворешниот сектор веројатно нема да придонесе за раст.

Овие прогнози се нешто пониски од оние што во понеделникот ги презентираше Народната банка, според која растот на Бруто-домашниот производ годинава ќе биде 3,9 проценти и исто толкав ќе биде и следната година, а во 2023 година веќе ќе биде 4 проценти. Според макроекономските проекции на централната банка, инфлацијата годинава би била 2,2 проценти што е зголемување во однос на претходната проекција која изнесуваше 1,5 проценти.

Од Делегацијата на Европската унија во Скопје вчера ги оценија како позитивни и владините мерки за финансиска поддршка за исплата на плати кои придонеле загубите на работните места да останат ограничени. Сметаат дека ако годинава продолжи владината поддршка за работодавачите и работниците, тогаш најверојатно вработувањето ќе расте со забрзано темпо.

Од страна на Владата досега се донесени шест пакети мерки за поддршка на стопанството и на граѓаните. Последниот шести пакет, за кој веќе почнаа да се објавуваат јавните повици, тежи 17,8 милиони евра и со него се очекува да бидат опфатени 10.000 компании кои вработуваат околу 60.000 граѓани. Очекувањата се дека и овој пакет мерки, како и претходните, ќе ги даде очекуваните резултати.

Во моментот, најпогодените сектори како што се угостелството и туризмот на располагање имаат на располагање седум јавни повици на кои можат на аплицираат за добивање финансиска поддршка. Со овие повици опфатени се туристичките агенции, туристичките водичи, естрадните уметници, игротеките, приватните детски одмаралишта,  компаниите организатори на настани,  кабареата, ноќните клубови, диско клубовите и рестораните за свадби.

– За сите овие јавни повици како основа за пресметка на поддршката ќе се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30 проценти од просечниот месечен приход., информираше вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

Кај туристичките агенции, износот на средства ќе се движи од 60.000 до 300.000 денари, а ќе зависи од остварениот вкупен приход и бројот на вработени во 2019 година, како и од видот на лиценцата.

Забелешки на новиот пакет мерки има Независната угостителска комора која смета дека треба да бидат опфатени сите угостителски објекти, а не само оние кои се регистрирани со примарна дејност служење храна и пијалоци, бидејќи со одлуката на Влада од 5 април биле затворени сите угостители.

– Кога ја носеа одлуката од 5 април не беа затворени само угостителски објекти со приоритетни шифри. Беа затворени сите угостителски објекти. Како што знаете, било кој објект што работеше и вршеше угостителска дејност на лице место беше затворен и казнет со поднесена кривична пријава. Сметам дека е голема неправда доколку Владата или било кој министер мисли дека со одлука ќе се додели финансиска помош само на едни, а другите ќе бидеме набљудувачи и ќе гледаме како тие пари ги насочуваат за друга употреба, а ни кажат дека сме ги искористиле максимално и ни дале се она што ни следува, изјави вчера претседателот на НУК Здравко Јосифовски.

Претходно, министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања рече дека финансиска помош ќе добијат оние угостители кои се регистрирани со примарна шифра на дејност, како што е наведено во јавниот оглас. Потврди дека барањата на НУК се стигнати во Министерството за економија и дека ќе бидат разгледани. 

0 Коментари

Остави коментари