ЕУ одговори по повикот на Русковска: Ја следиме ситуацијата, но ова е прашање за надлежните органи
Европската унија ја следи, ама нема да се меша во караницата меѓу шефицата на обвинителството за борба против организиран криминал, Вилма Русковска и директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Откако Русковска ја повика унијата да изврши увид кој се бори а кој го прави криминалот во Македонија, од ЕУ за државната агенција МИА велат дека внимателно ја следат ситуацијата но дека тоа прашање треба да го решат надлежните органи.
- „Спроведувањето на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки кластер за фундаменталните вредности, кој прв ќе биде отворен во пристапните преговори со ЕУ. Постоечките закони на земјата ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, вели Делегацијата на Европска унија во РСМ.
Освен Европската унија денеска, вчера реагираа и од Амбасадата на САД во земјава. Од таму оценуваат дека станува збор за тековен процес и е прашање што треба да го решат надлежните органи во државата. А од Канцеларијата на европската обвинителка Лаура Ковеси пак за Радио Слободна Европа изјавија обвинителката нема намера наскоро да ја посети Македонија и дека имаат контакти со Јавното обвинителство за воспоставување соработка.
Од таму потсетуваат дека нивна надлежност се само финансиските интереси во Македонија на земјите членки на Европската унија. Соопштението на Русковска во кое таа бара меѓународна помош, уследи по медиумската војна со директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми и најавата дека тој ќе поднесе кривични пријава против Русковска и уште две обвинителки кои на 18 месецов извршија претрес во институцијата со која раководи Муареми.