ЕУ го поддржува железничкото поврзување на Скопје и Софија
ЕУ вклучи зелено светло за поддршка на железничкото поврзување Скопје – Софија, политичката линија се уште во ќорсокак.
Додека дијалогот меѓу Македонија и Бугарија се уште тапка во место, Брисел испраќа позитивна оценка за договорот за прекуграничен тунел меѓу двете земји.
Антонио Кошта претседателот на Европски Совет, порача дека ставањето заеднички потпис е голем чекор кој промовира добрососедски односи.
Антонио Кошта претседател на Европски Совет - Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничен тунел меѓу Бугарија и Северна Македонија – кој е голем чекор во соработката меѓу двете земји и промовира добрососедски односи. Покрај развојот на билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност!
И еврокомесарката за проширување Марта Кос на социјалните мрежи порача дека договорот е важен чекор за градење доверба меѓу двете земји.
Марта Кос еврокомесарка за проширување - Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја унапредат работата на Коридорот 8. Ова е клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница и важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и контакти меѓу луѓето.
Вчера министерот Николовски и неговиот бугарски колега Караџов подадоа рака во Ѓуешево и заеднички ставија потпис за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8. Договорот опфаќа изградба на меѓуграничен железнички тунел со проектирана должина од околу 2,4 километри.
На политичката пруга Скопје - Софија, пак, премиерот Мицкоски веќе најави засилена динамика во разговорите, по нова година. На брифинг со новинарите, во месец септември, порача дека на оваа тема разговарал со премиер од една од водечките членки на ЕУ и дека очекува посериозна акција од други центри на моќ, но и подготвеност од Софија. И министерот Муртезани, најави сериозна одлучност во владата, веднаш по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија.

