ЕУ го објави новиот пакет санкции против Русија, дијамантите повторно поштедени

Рускиот претседател Владимир Путин се очекува утре и формално да ги потпише документите за анксија на уште четири украински региони во кои изминатиот викенд се одржаа самонаречени референдуми.

Резултатите не ги признава Киев, Вашингтон, ЕУ, НАТО и ОН, сметаат дека на Русија треба да и се одбие членството во Советот за безбедност. ЕК предлага осми пакет санкции. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека лажните референдуми, одржани на делови од Украина, се спротивност на слободни и фер избори,

„На тие референдуми, за да гласаат, луѓе биле носени од станови и од работни места со закана со оружје. Сè додека постои руски диктат во окупираните региони, граѓаните таму не се ниту слободни, ниту безбедни.“ - изјави Аналена Бербок министерка за надворешни работи на Германија.

Украина е решена да ја врати територијата што Русија најверојатно ќе ја припои по гласањето на окупираните територии, изјави советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

„Русија има намера да анектира четири региони на јужна и источна Украина во наредните денови. Ќе ја ослободиме нашата територија со воени средства, што не зависи од тоа што мисли или сака Русија, туку со воените можности на Украина.“ - изјави Михаило Подољак советник на претседателот на Украина.

Европската Унија никогаш нема да го прифати планот на Путин да изврши анексија на суверена територија на Украина. Лажните референдуми и очекуваните резултати од нив дополнително ја ескалираат состојбата. ЕК ги повика земјите членки да воведат нов пакет санкции кој директно ќе удри врз руската економија но и кон клучните носители на одлуки, олигарси, високи воени функционери и пропагандисти.

- Не прифаќаме лажен референдум и каков било вид анексија во Украина и решени сме да го натераме Кремљ да плати за оваа понатамошна ескалација. - изјави Урсула Фон Дер Лајен претседателка на ЕК.

Нови санкции се очекуваат од САД. Белата куќа најави и дека ќе ја засилат поддршката за Украина со опрема и оружје за да може да ја одбрани својата територија.

„Без разлика што се обидуваат да тврдат претседателот Путин и неговите поддржувачи, овие области се и ќе останат дел од Украина. Украина има целосно право да продолжи да го брани својот суверенитет и својот територијален интегритет.“ - изјави Нед Прајс портпарол на Белата куќа.

Проруските власти во регионите Доњецк, Херсон, Лугањск и Запорожје соопштија дека побараа од рускиот претседател да ги вклучи тие области кон Русија.