ЕУ експерти: Владата да биде внимателна за планот за раст

Скопје и Атина во дипломатска војна - дали грчка блокада ќе ги смрзне парите од европскиот План за раст за Македонија?

Додека низ грчките медиуми веќе се објавува дека тн. тајно дипломатско оружје на владата во Грција, се блокада на европските фондови за земјата, експертите предупрепредуваат македонската влада да биде внимателна.

Велат, дека во ек е процесот за Планот за раст, меѓу Македонија и Брисел, за оваа есен, земјата да добие од колачот европски пари, но, новата ЕУ регулатива за создавање Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, носи условеност.

Во точка 2, стои барањето за регионална соработка и добрососедски односи, како суштински елементи на процесот на проширување.

- Ако ја погледнеме регулативата, во принцип Комисијата ги известува Советот и Парламентот, меѓутоа, ние знаеме и од нашето искуство досега дека Европската Комисија е алатка на сите држави членки на Европската Унија.Така да, не би исклучила, Грција, доколку реши, да се вклучи во тие проценки. - вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики ЕПИ.

Македонската влада треба да усогласи реформска агенда до крајот на август и истата да помине низ Брисел, за земјата да ја добие првата рата европски средства. Иако клучната улога е на ЕК, доколку државите - членки имаат забелешки, процесот за добивање на парите ќе се пролонгира. Според експерите, Грција може да притиска во комисијата, но и да процени дека индикаторите кои што Макеоднија треба да ги испорача на секои 6 месеци- не се исполнети.

- Таа проценка ќе биде заедничка , наша и на Комисијата, меѓутоа Комисијата во секој случај, во таа проценка, ќе биде под влијание на државите членки. И тука, пред се на оние земји-членки кои ќе имаат интерес, како Грција. Така да, не би исклучила понатаму, дека тој инструмент е на располагање на сите земји членки подеднакво, но особено на заинтересираните, особено во проценките на исполнување на критериумите, кои што ќе бидат доста прецизирани, но нема да бидат егзактна наука, за да нема простор за влијание. - вели Кацарска.

Професорот Лиакурас, пак, еден од грчките експерти при создавањето на Преспанскиот Договор, пред два дена за тв24, порача, дека официјална Атина, пред ЕУ, се повикува на македонско кршење на членот 1 од Преспанскиот Договор и ако сака може да преземе голем број контрамерки.

- И ако вие ја прекршувате оваа фундаментална одредба,тоа е нешто што прави државата, и ако мислите дека, да речеме, дека со однесувањето на другата држава, не е загрозена, сепак е прекршување. Се разбира постојат контрамерки, кои секоја земја може да ги користи. Зборувам генерално. Не зборувам, за оваа ситуација, меѓу двете земји. Но велам дека има многу работи кои можат да се искористат како котрамерки. Можам да кажам, дека се надевам, дека нема да се направат. - вели Лиакурас.

И покрај најавите од Грција за контрамерки и ново вето, ставот на македонската влада е дека не се прекршува Преспанскиот договор, а Мицкоски повеќе пати праша - зошто Грција досега не го спровела Преспанскиот договор, за чие прекршување сега ја обвинува Македонија.