ЕУ е едногласна - Македонија ги исполнува условите за преговори
Foto

ЕУ е едногласна - Македонија ги исполнува условите за преговори

Вториот ден од посетата на македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во Брисел потврди дека нема сомнеж во ниту една ЕУ институција дека Северна Македонија ги исполнува сите услови за формален почеток на преговорите. Македонската страна бара од Брисел засилен ангажман за да се реализира оваа цел.

По средбите со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделникот, вчера премиерот Зоран Заев продолжи со средби со челниците на Европската Унија. Најзначајна беше онаа со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел.

Борел, кој претходниот ден изјави дека одвојувањето на Северна Македонија и Албанија не доаѓа предвид, оваа порака повторно ја упати и по средбата со премиерот Заев.

-Северна Македонија ги исполнува потребните услови и заслужува да премине на следната етапа, изјави Борел по средбата со Заев.

Шефот на европската дипломатија потсети дека Северна Македонија е една од двете земји кои најдолго чекаат пред вратите на ЕУ.

-Има силна поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија што поскоро. Знаеме дека чекате одамна, можеби 16 години, и сте втората земја што најдолго чека пред вратите на проширувањето, рече високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.

Борел додаде дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Европската Унија за изнаоѓање решение за процесот на пристапување во ЕУ, како и во борбата против пандемијата од Ковид-19. Тој ја пофали државата и за нејзиниот висок степен на усогласеност со надворешната политика на ЕУ, нешто што, рече тој, се постигна во тешки услови.

Пофални зборови вчера пристигнаа и од Европската Комисија преку потпретседателот на оваа институција, Марош Шефчович.

– Нашата проценка не е сменета и ова беше јасно пренесено на средбата помеѓу претседателката фон дер Лајен и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, изјави Шефчович, додавајќи дека шефицата на Европската Комисија ги пофалила извонредните реформски напори на државата и изразила надеж дека ќе се тргне напред со С.Македонија.

Вториот човек на Европската Комисија истакна дека тие го имаат и поширокиот геополитички контекст на ум кога станува збор за Северна Македонија за која ЕУ е единствената стратешка опција.

-ЕУ перспективата претрпе штета со пандемијата од Ковид, рече Шефчович и изрази надеж дека после оваа прва тура вакцини донирани од ЕУ, ќе пристигне уште една.

Од страна на Советот исто така се охрабри јавноста дека се вложуваат максимални напори за да се оствари усвојувањето на преговарачката рамка и одржувањето на првата 

Меѓувладина конференција пред крајот на јуни, кога завршува португалското претседавање со ЕУ.

 

0 Коментари

Остави коментари