Естонскиот парламент денеска ќе избира нов претседател, министерката за правда е единствен кандидат

Парламентот на Естонија денеска се состанува за да избере нов шеф на државата, а единствен кандидат за оваа висока, но пред се церемонијална  функција е министерката за правда Уле Мадисе, јави ДПА.

За изборите е потребно двотретинско мнозинство од 68 од 101 член на парламентот Риигикогу.

Актуелниот претседател Алар Карис објави дека нема да се кандидира за реизбор.

Мадисе беше номинирана од 75 членови на парламентот од двете владејачки партии, Реформската партија и Ести 200, како и од опозициските социјалдемократи и конзервативната партија Исамаа (Татковина).

Оваа 51-годишна адвокатка ја извршува својата актуелна функција од 2015 година како независна правобранителка, надгледувајќи ја уставната и законската усогласеност на законодавството и владините активности.

Доколку Медис не го обезбеди потребното мнозинство на тајното гласање, за утре е закажан уште еден круг гласање, на кој можат да бидат предложени нови кандидати.

Доколку и во тој круг не се избере нов шеф на државата, ќе се одржи трет круг гласање како втор круг помеѓу двајцата кандидати со најмногу гласови. Доколку ниту еден кандидат повторно не го добие потребниот број гласови, во рок од еден месец мора да се свика посебен изборен колеџ - во кој локалните политичари го имаат мнозинството.