ЕСМ утре на владина седница треба да го предложи својот план за производство и финансискиот план
Foto

ЕСМ утре на владина седница треба да го предложи својот план за производство и финансискиот план

Владата утре се очекува да ја разгледува новата цена на струјата која ЕСМ треба да ја предложи на владина седница. Се прават последните пресметки – колкаво ќе биде зголемувањето засега официјално не се открива - според информациите на ТВ24 ЕСМ ќе бара зголемување за десетина проценти, но кога на ова ќе се додадат трошоците на МЕПСО и оние за увоз на струја – би можело цената за граѓаните да се зголеми и повеќе од 10 отсто.  

Од Стопанската комора денеска реагираа дека состојбата со електричната енергија во земјава е алармантна. Од Комората велат мора да се зголеми домашното производство, и да се активираат сите домашни капацитети.

Од Комората најавија дека се во фаза на регистрација на сопствена компанија за трговија со електрична енергија која ќе се грижи за потребите на нејзините членки. Целта на компанијата велат не е создавање на профит, туку да им се помогне на компаниите - членки да имаат сигурност при набавката на електрична енергија во услови на криза и да придонесе за отстранување на високите маржи кои им ги наплаќаат трговците со струја.

Дека излез од енергетската криза е активирање на домашните капацитети – сметаат и надлежните. Владата минатата недела даде зелено светло по 12 години да се активира ТЕЦ Неготино. Државната ЕСМ сега треба да набавува мазут.

„Се спроведува задолжението од Влада согласно договорот со ТЕЦ Неготино“ - велат од ЕСМ.

Од среда треба со работа да почне и Осломеј, а се работи и на санација на третиот блок во РЕК Битола, според досегашните информации од државната ЕСМ, блокот би требало да почне со работа следната година, откако пред извесен период беше зафатен од пожар. Во моментов во комбинатот работат двата блока.

Владата на 9-ти месецов прогласи кризна состојба во енергетиката во траење од 30 дена. На енергетските компании им беа вбризгани 65 милиони евра – а за домаќинствата рестрикции нема.

0 Коментари

Остави коментари