ЕСМ се правда: Новиот тендер од еден милион евра за компанијата Марковски е спроведен од екс раководството

Новиот тендер кој во РЕК Битола го доби „Марковски компани“ е дело на претходните раководства на ЕСМ и на битолскиот комбинат, се бранат денеска Државните електрани. Во соопштение до медиумите, од ЕСМ неколку пати повторуваат дека се е по закон, а комплетната процедура била испочитувана.

Иако новиот директор на РЕК Битола го потпишал договорот, од ЕСМ тврдат дека претходно провериле дали понудените цени на „Марковски компани“ се пазарни. Јавниот повик бил објавен во мај, oдлуката за избор е потпишана во август од претходниот директор на РЕК Битола, а на новиот прв човек на комбинатот му останало само да го потпише договорот, но дури откако е направено испитување на пазарните цени.

„На актуелниот јавен повик од 2024 година, постигнати се единечни цени по работна рака кои се за околу 40 отсто пониски во однос на цените постигнати во 2022 и во 2023 година, согласно критериумот најниска цена. За изминатите две години, за истиот повик единствен понудувач била фирмата „Марковски Компани“, додека во 2024 година - биле пријавени пет фирми од кои четири учествувале на таканареченѝата „негативна аукција“ преку која била постигната најниска цена од страна на посочената фирма.“

Телевизија 24 вчера објави дека битолската компанија Марковски, која во времето на СДСМ редовно добиваше милионски тендери во РЕК Битола, од новото раководство на државните електрани, доби нов договор вреден над еден милион евра, за ангажман на работна рака за машински интервенции во наредните 12 месеци. Договорот е потпишан само три дена, пред ВМРО-ДПМНЕ да објави видео на „Јутуб“ со критики кон оваа фирма.

Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, Марковски компани е фирмата која лани имала најголем удел во јавните набавки, со вкупно 20 договори со ЕСМ, вредни 52 милиони евра. Сите договори се за ангажирање механизација и работна рака во РЕК Битола. Сопственикот Борче Марковски, кој ретко се појавува во јавноста, е почесен конзул на Белорусија во земјава. Од ЕСМ потетија дека новиот договор со Марковски компани е рамковен, според кој се плаќа по ангажман, односно само доколку комбинатот - при одредени зафати има потреба од таков кадар.

Од ЕСМ велат дека немаат намера да вршат политичка селекција на фирми кои учествуваат на тендерите. Секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е, и ќе биде предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество, велат од таму.