ЕСМ му понуди на ЕВН Хоум 62 евра за мегават час, над 3 отсто повисока од сегашната - ќе поскапи ли струјата?
62 евра за мегават час. Oва е цената која државната ЕСМ ја понуди на тендерот на ЕВН Хоум. Оваа цена е за две евра повисока од цената по која во моментов државните електрани му ја продаваат на Универзалниот снабдувач, или поскапа за 3,3 отсто.
Во понудата стои дека државните електрани понудиле 100 отсто од потребите на граѓаните кои треба да ги испорача Универзалниот снабдувач.
„Оваа цена е за 3,33% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за периодот јули-декември 2024, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 60 евра за мегаватчас.“ - ЕВН ХОУМ.
Сега тука се отвора прашањето, дали се поизвесно е поскапувањето на сметкикте за струја од Нова година за домаќинствата и малите фирми. Понудата на ЕСМ има најголемо влијание врз формирањето на крајната цена за домаќинствата и малите фирми. Виктор Андонов кој е експерт во енергетскиот сектор и екс директор за развој и иновации во ЕСМ за ТВ 24 вели дека сега регулаторот ќе треба да биде доста креативен за да не дојде до поскапување на цената за домаќинствата
„Може да се игра со анализите, да не заборавциме и дека имаме и четири блокови. А цената на електричната енергија е различна од потрошувачката кај одредени групи на домаќинства. Така да, на оваа цена не очекувам да има сериозни зголемувања кои може да предизвикаат намалување на финансиската состојба на граѓаните.“ - Виктор Андонов експерт по енергетика.
Во следниов период регулаторот треба да ги објави и тарифите на блоковите кои ќе важат во следните шест месеци. А финалната цена на струјата за домаќинствата ќе се знае најдоцна до 31 декември.
Во последниов период можат да се забележат турбуленции со цените на електричната енергија на берзите. Во моментов еден мегават час на европските берзи се продава по околу 130 евра. Од државната ЕСМ веќе најавија дека во декември планираат да купуваат 100 мегават часови електрична енергија. Официјалните податоци велат дека само во октомври и ноември државата ја чинело 20 милиони евра за набавка на струја од берзите.