Ескобар: Зборувавме со Франција за брз старт на преговорите

САД притиска за датум, Габриел Ескобар на оска Вашингтон - Париз, вели дека се зборува со Франција за брз старт на преговорите на Македонија со ЕУ.

Заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Ескобар, за Гласот на Америка, порачува дека може да се постигне договор за кусо време, а првичната 6 месечна временска рамка на бугарскиот премиер Кирил Петков, според Ескобар е доволна за решение на проблемите со Скопје. 

- Веќе зборувавме со Франција. Ставивме јасно до знаење дека ние веруваме дека членството во ЕУ за сите држави од Западниот Балкан е од суштинско значење за сите нас. Веруваме дека тие се дел од Европа, веруваме дека како што ги исполнуваат условите со затворање на поглавјата треба да бидат сè повеќе интегрирани во ЕУ и мислиме дека тоа ќе биде решение за сите држави. - изјави Габриел Ескобар заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

Франција како претседавач на ЕУ засега испраќа позитивни сигали за Македонија, но без конкретни чекори за олеснување на дијалогот со Софија. Себастиен Мајар директор на инститот Жак Делор во Париз за ТВ 24 вели дека претседателот Макрон во последен момент во ЕУ приоритетите го вметнал Самитот за Западен Балкан во јуни, но и дека намерно го елеминира терминот проширување поради француските избори во април. 

Во хипотетичка инверзија на сликата Скопје - Париз, што би направила Франција, да се најде на македонското место, и Бугарија за влез во ЕУ да и бара јазикот да не се вика француски туку официјален јазик на Француската Република , тој вели

По последниот удар на Радев врз македонската политика, позитивен бран од Бугарија. БНТ објави анкета на „Алфа рисрч“ која открива дека во Бугарија расте процентот на оние граѓани кои сметаат дека треба да се каже „да“ за почеток на преговори на Македонија со ЕУ.  Ако се остават настрана спорните прашања – 60,9 отсто од Бугарите сакаат Македонија да стане ЕУ членка, а 32 отсто не.

Дека не треба да се дозволи почеток на преговорите без да се решат отворените прашања сметаат 69 отсто од Бугарите, а фокусот за решение на спорот кај 80 отсто од Бугарите е „историјата“. Европската врата за Македонија засега е заклучена со бугарски клуч, а премиерите Петков и Ковачевски допрва ќе имаат задача за затоплување на односите.