Ескалираат тензиите меѓу САД и ЕУ
Обид за поделба на Европа и желба за задушување на европското противење на планот за Гренланд, вака дел од светските аналитичари ја толкуваат одлуката на американскиот претседател ДоналдТрамп за воведување царини за осум европски земји. Лидерите на ЕУ размислуваат начини како да му се одмаздат на Трамп. Американскиот претседател објави дека царините, првично од 10 насто, ќе бидат наметнати во февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Британија, Холандија и Финска. Во подоцнежен период, овие давачки ќе пораснат на 25 проценти и ќе останат во сила додека не се постигне договор за купување на Гренланд. Во Брисел сѐ почесто се споменува можноста Европа да го активира т.н. инструмент против присила. Станува збор за моќен механизам за трговска одмазда, првично осмислен како средство за одвраќање на Кина, кој ѝ овозможува на Унијата да воведе царини и ограничувања за инвестиции кон држави што вршат економски притисок. Данскиот министер за одбрана изрази жалење за тарифите што американскиот претседател Доналд Трамп има намера да ги воведе на голем број европски земји.
Троелс Лунд Поулсен – министер за одбрана на Данска: „Мислам дека е неприфатливо да се таргетираат земјите кои сега ја преземаат одговорноста за нашата заедничка безбедност во НАТО“.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Европската унија да го користи својот инструмент против принуда, таканаречената „трговска базука“, како одговор на царините од САД.
Емануел Макрон – претседател на Франција: „Европа нема да седи со скрстени раце. Европа ќе одговори на унифициран и координиран начин за да се обезбеди почитување на европскиот суверенитет“.
Европа ќе остане обединета, координирана и посветена на зачувување на својот суверенитет, порачаа и првите луѓе на Европскиот совет и на Европската комисија, Антонио Кошта и Урсула фон дер Лајен во заедничка реакција за воведување царини за осум европски земји кои се спротивставуваат на намерата на Трамп САД да го преземат Гренланд.
„ЕУ изразува целосна солидарност со Данска и народот на Гренланд. Дијалогот останува од суштинско значење и ние сме посветени на градење на процесот што почна минатата недела меѓу Данска и САД“.
Одлуката на Трамп за царини ја вознемири ЕУ, која имаше слаби досегашни одговори кон Вашингтон. Се очекува европските лидери да се водат од долгорочните економски и безбедносни интереси на Унијата – зачувување на НАТО, но и јакнење на европската самостојност во одбраната.

