Ескалира состојбата на Блискиот Исток, расте бројот на загинати

Ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток продолжува откако Израел утринава изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут, кои се под контрола на Хезболах.

Нападите уследија по лансирањето ракети и беспилотни летала кон израелска територија од страна на оваа група, која има поддршка од Иран.Како потенцијална цел се наведува и нуклеарната постројка во Натанц, додека нафтен танкер бил нападнат во близина на Ормускиот Теснец. Пријавена е и смрт на четворица американски војници. 

 

Според последните информации, Исламска револуционерна гарда соопшти дека во рамки на операцијата „Право ветување 4“ бил извршен воздушен напад при кој е погоден кабинетот на премиерот Нетанјаху, како и објекти поврзани со израелските воздухопловни сили. Од ИРГК нападот беше окарактеризиран како одмазнички одговор на претходните израелски напади врз иранска територија.

Исламска револуционерна гарда

„Десеттиот бран од операцијата „Искрено ветување 4“ отвори огромна противпожарна врата кон окупираните територии со ракетниот маневар „Хајбер“. Целните напади врз израелскиот владин кампус во Тел Авив, нападите врз воените и безбедносните центри во Хаифа и нападите врз Источен Ерусалим беа некои од целите на десеттиот бран. Претходно, предупредивме за проширување на планот за напад врз базите и окупираните територии на непријателите агресори и објавивме дека сирените во Израел никогаш нема да престанат“, се наведува во соопштението на ИРГК.

Од израелска страна засега нема официјална потврда за случувањата, додека претходните неофицијални тврдења за наводна смрт на премиерот Бенјамин Нетанјаху беа брзо демантирани и повлечени. Според одредени извори, премиерот можеби се наоѓа на безбедна локација во Берлин, каде што израелскиот државен авион бил итно пренасочен. Сепак, овие информации засега остануваат непотврдени од официјални извори.

Во меѓувреме, иранските власти соопштија дека е погодена и нуклеарната постројка во Натанц. Од Меѓународната агенција за атомска енергија изразија загриженост поради прекината комуникација со иранските нуклеарни регулатори, по извештаите за напади од Израел и САД врз Иран, нагласувајќи дека во моментов се прават обиди за воспоставување контакт и добивање релевантни информации.

Меѓународната агенција за атомска енергија

„До овој момент немаме податоци што би покажале дека која било од иранските нуклеарни постројки е погодена или претрпела штета, но напорите за воспоставување комуникација со иранските регулатори сè уште се во тек и засега нема одговор“, велат од агенцијата.

Од иранска страна остануваат на позицијата дека нема да влезат во преговори со, како што ги нарекуваат, непријателските држави. Иранскиот дипломат Али Лариџани изјави дека Техеран нема да седне на преговарачка маса со Вашингтон, обвинувајќи ги САД дека со своите политики го втурнале Блискиот Исток во состојба на длабока дестабилизација и хаос. 

Али Лариџани, НАЧАЛНИК НА ИРАНСКАТА СЛУЖБА ЗА БЕЗБЕДНОСТ

„Преку своите заблудни постапки, тој го претвори својот слоган „Америка на прво место“ во „Израел на прво место“ и ги жртвуваше американските војници за амбициите на моќно гладниот Израел... Денеска иранската нација се брани. Иранските вооружени сили не започнаа инвазија“, вели Лариџани.

Хуманитарните организации проценуваат дека повеќе од 100.000 спасувачи се распоредени низ целата територија погодена од конфликтот, при што над 130 региони се засегнати од воените операции. Според достапните извори, најмалку 555 лица загинале во Иран како последица на израелско-американските напади, додека четвртиот американски војник е пријавен како убиен во рамки на операциите на САД против Иран.

Во меѓувреме, Иран извршува напади врз цели во Ерусалим, додека Израел возвраќа со „широк напад“ врз Техеран. Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток продолжува, со интензивно лансирање на ракети и беспилотни летала од двете завојувани страни. Бројот на загинати и повредени продолжува да расте, а експертите предупредуваат и на потенцијално значителни економски ефекти, кои ќе се одразат не само врз нафтената индустрија, туку и врз глобалниот пазар на производи.