Ергените и момите можат да здивнат, премиерот се откажа од идејата за воведување на данок
Немажените и неженетите може да останат спокојни – нема да плаќаат данок. Премиерот Христијан Мицкоски се предомисли и се извини, погрешно бил разбран – бил загрижен за демографијата бидејќи тивко исчезнуваме и изумираме.
Откако премиерот сфатил дека сака само да го почувствува пулсот на немажените и неженетите за да платат данок, сега со нова иницијатива. Вели дека во Читанката треба да стои што е семејство за младите да се едуцираат од мали нозе, продолжувајќи дека за него парада на гордоста се семејните вредности.
Премиерот потенцираше дека не е се до парите туку до срцето и умот. Повика сите заедно да работат за да се раѓаат повеќе деца, да се полнат училиштата, за побогата економија.
Додека се бара чаре како да се спречи исселувањето особено на младите кои ја напуштаат државата најчесто поради лошите социоекономски услови, министерката за образование и наука Весна Јаневска претходно алармирашње дека во изминати 7 години имаме 17 илјади ученици и 7 илјади студенти помалку.
Македонија повеќе години бележи негативен природен прираст. Само лани населенето е намалено за 4140 лица, покажа извештајот на Државниот завод за статистика. Според последниот попис пак, во изминатите 20 години Македонија ја напуштиле над 170 000 работоспособни лица.
Дел од експертите сметаат дека младите веќе се добро информирани за состојбата во државата и дека покрај криминалот и корупцијата причина повеќе за да ја напуштат државата се и ниските примања правејќи паралела дека функционер со плата од 2 илјади евра може да си овозможи комодитет додека млад човек со минималец од 400 евра не може да ги задоволи најосновните потреби за да преживее и опстои во државата.