Епидемијата се шири нови случаи на заболени од мали сипаници – скандалот со вакцините се уште без разрешница
Уште седум деца со морбили се хоспитализирани на клиниката за инфективни болести во Скопје. Сите деца се на двегодишна возраст и ја посетувале детската градинка „Сонце“ во скопската населба Ново Лисиче. Од министерството за здравство соопштуваат дека се уште се чека лабораториската потврда за овие нови седум случаи. Досега се заболени вкупно осум деца од истата градинка. Сите биле невакцинирани. Здравствените власти уште еднаш повторија дека вакцините се безбедни и повикаа на вакцинација, а министерот Филипче преку Фејсбук-профилот објави фотографија каде покажува дека ја вакцинира својата внука.
„Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили. има доволно количини од мрп вакцините. вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.“ - велат од Министерството за здравство.
Доколку продолжи ширењето на епидемијата можно е да се одложи и стартот на второто полугодие во училиштата. Министерот за здравство за ТВ 24 вели дека засега е рано за таква одлука, но не ја исклучува и оваа можност.
А во меѓувреме продолжува истрагата за скандалот со погрешните декларации на вакцините. Според неофицијални информации на ТВ24, инспекторите на МАЛМЕД на терен досега пронашле над 400 вакви вакцини. Се чекаат резултатите уште од неколку вакцинални пунктови за да се комплетира извештајот. Официјалните резултати од контролата, Агенцијата ќе ги сопшти утре. Контролата ќе треба да покаже кој и каква одговорност ќе понесе за направениот пропуст, а утре треба да пристигнат и претставниците на компанијата која ги произведува МРП вакцините.
Според податоците на здравствените власти од 16-ти декември до сега вкупно 22 лица биле хоспитализирани на инфективната клиника. Од нив 13 се уште се во болница, 9 се пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, најстариот има 33 години. Најмногу заболени се регистрирани во општина Аеродром.

