Епидемија на непотизам - остана ли некој од роднините на јавните функционери кој не е згрижен на државни јасли?
Foto

Епидемија на непотизам - остана ли некој од роднините на јавните функционери кој не е згрижен на државни јасли?

Државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ продолжува да се полни со роднини на функционери од власта. Последното вработување било потпишано за синот на пратеничката од СДСМ Мира Стојчевска, која во јавноста е препознатлива по земените 12 илјади евра за патни трошоци за 6 месеци лани. Од компанијата го потврдија вработувањето. Синот на пратеничката бил најдобриот кандидат, но не е наведено на која работна позиција Е, колкава е неговата плата.

„За работното место за кое конкурирал, наведениот ги исполнувал сите критериуми наведени во огласот. Комисијата одлучила почитувајќи ги сите законски одредби.“ - велат од ЕЛЕМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ која во минатото беше обвинувана за непотизам, сега реагира, како што реагираше и тогаш опозициската СДСМ.

„Само за потсетување како владата го третира буџетот и јавното претпријатие ЕЛЕМ. Од досега познатите факти своите најблиски во ЕЛЕМ ги згрижија Мирослав Грчев, Асаф Адеми и Талат Џафери.“ - изјави Димче Арсовски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Роднините и симпатизерите на СДСМ изминатите 10 години биле најдискриминирани граѓани при вработувања. Вака министерот за јавна администрација Дамјан Манчевски го правда вработувањето на сестри, зетовци, деца на функционерите во државните институции,

„За нас беше забрането во јавен и приватен сектор, било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи. Вие го знаете тоа. Затоа зборевме за заробена држава. денеска е чудно, што било којшто е симпатгизер на оваа власт дека се вработуваи во јавни институции. Да се согласиме дека тоа е повторно проблем. Каде да одат овие луѓе? Ајде да се договориме, да речеме дека овие луѓе да ја напуштат државата.“ - вели Дамјан Манчевски- министер за ИО.

Дали има непотизам при последните вработувања ќе отстрани  новата Антикорупциска комисија, во која членува баџанакот на Талат Џафери, вели Манчевски. Неговиот избор не е незаконски, смета министерката за правда.

„Не гледам никакво прекршување  на законот во постапката за избор. И тоа што го цитирате дека  постоеле ограничувања, тие не се ограничувања, тоа е како се мери родбинство, тука веќе не се опфаќа овој степен, ако се гледа правно.“ - вели Рената Десковска – за Нури Бајрами.

И додека атрактивните државни компании продолжуваат да вдомуваат роднини на актуелни функционери, кои десетина години биле дискриминирани од ВМРО-ДПМНЕ, јавноста прашува кога ќе дојде време да се вработат најквалитетните неопределени кандидати на јавните конкурси.

0 Коментари

Остави коментари