Енормните сметки за струја ќе бидат причина за затворање на хотелите во текот на грејната сезона

Охридските хотелиери ќе стават клуч на своите хотели, оти не можат да ги издржат милионските сметки за струја. Тие најавуваат дека на крајот на туристичката сезона ќе ги затворат објектите и нема да примаат гости.

Фактурите им се зголемија неколкукратно, бидејќи струјата на отворениот пазар, од каде што се снабдуваат, достигна рекордни цени. Поради ова, работењето надвор од сезона е апсолутно неисплатливо, велат тие. 

„Сметките за струја се зголемени за пет пати. Тоа не може да се издржи во време кога ќе нема туристи. Затоа, размислуваме по завршувањето на летната сезона привремено да ги затвориме објектите. Затворањето би се случило на крајот на септември, а повторно би ги отвориле напролет.“

Иако знаеле за повисоките сметки за струја кои хотелиерите ги добиле, од Министерството за економија велат дека до нив информација за затворање на хотели не дошла. 

„Официjално до Министерство за економија не е пристигнат документ за затварање на хотели во охридскиот регион по завршување на сезоната. Во редовната комуникација на Секторот за туризам со сите хотели во Република Северна Македонија имаме информации дека истите добиваат поголеми сметки за струја, но исто така истите се свесни дека тоа е резултат на енергетската криза која е актуелна во целиот свет. Од страна на Министерството за економија се прават анализи и како за хотелиерите, така и за сите други компании се бара можност и начин за да им се помогне.

Министерот за економија Крешник Бектеши пред три дена изјави дека во земјава 72 илјади компании се на регулиран пазар и се снабдуваат со струја од АД ЕСМ, а само еден мал дел од компаниите, главно оние кои имаат од 1.000 до 2.000 вработени се на слободен пазар. И додека надлежните бараат можност за помош на стопанството, некои земји од Европа веќе донесоа мерки, со кои на своите компании им субвенционираат дел од цената на струјата.