Енергетските компании бараат поскапа струја, регулаторот се уште ги пресметува трошоците

Енергетските компании бараат стујата да поскапи, но регулаторот смета дека тоа во моментов не смее да се случи.

Енергетската криза им нанесе сериозен удар на домаќинствата по нивните буџети, а државните енергетски капацитети работеа во полна пареа па затоа не треба да се размислува за зголемување на цената на електричната енергија, вели за Телевизија 24 претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски. За да нема поскапа струја треба да се искористи енергијката добиена од фотоволтаиците. 

„Сега не е време и не е потребно зголемување на цената на електричната енергија, поради тоа што поминавме исклучително тежок период. Ситедомашни ресурси беа на располагање, исто така се отвори простор за изградба на фотоволтаички електрани. Факт е дека во текот на денот секогаш имаме цени на електрична енергија на пазарот повеќе од два пати пониски од што се цените во останатиот дел од денот.“ - вели Бислимовски.

Ситуацијата со цената на струјата е дополнително неизвесна бидејќи државната ЕСМ се уште не ги доставила пресметките до владата, од кои министрите одговорни за економските политики треба да одлучат по која цена ќе одат на тендерот на ЕВН Хоум за набвка на струја за Универзалниот снабдувач за граѓаните.

Од ЕСМ во телефонски разговор кратко ни соопштија дека се уште прават пресметки, а документацијата до Илинденска број два ќе ја испратат најдоцна до почетокот на идната недела.

„До владата не е испратена финалната цена. Се прават финалните пресметки. Се обидуваме да доставиме цена што е можно пониска.“

Од Владата денеска за ТВ 24 ги потврдија гласините во јавноста дека можно е цената на ЕСМ да биде 70 евра за мегават час, а тоа според регулаторт би можело да биде незгодно бидејќи само по овој оснпов цената би рипнала за над 10 отсто. МЕМО бара 80 отсто зголемување на цената, но нивниот удел во финалната цена е само 0,5 отсто, потоа МЕПСО бара раст на цената на струјата за 50 отсто а нивниот удел во цената е околу пет отсто, што се однесува до Електродистрибуција, тие бараат зголемување од 30 отсто но нивниот удел е нешто над 30 отсто.

Според Законот за енергетика за следниве шест месеци обврска на ЕСМ е да обезбеди 50 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата, но од владата ни соопштија дека ќе се обидат да ја обезбедат целата струја за домаќинставата и да го сведат увозот на минимун. Засега нема конкретно одреден период од колку до колку часот би се вратила и евтината дневна тарифа.