Енергетски експерти: Инвестирањето во обновливи извори ќе ја зголеми енергетската независност на земјата
Трендот на намалување на цената на струјата во земјава ќе продолжи, па граѓаните и во втората половина од годината ќе добијат поевтинување, тврди министерот за економија Крешник Бектеши.
Блок тарифите дале резултат, а по тој принцип наскоро струја ќе плаќаат и малите фирми, вели Бектеши, кој тврди рестрикции нема да има.
Инвестирањето во фотоволтаици ќе ја зголеми енергетската независност на земјата, но треба да се инвестира во мрежата, за да може да го издржи капацитетот кој се создава, вели претседателот на Регулаторна Марко Бислимовски, кој сепак порача дека треба да се биде внимателен со овој вид енергија.
Батерии кои ќе можат да ја складираат струјата наскоро ќе бидат обврска при градба на фотонапонска централа. Ова посебно ќе им помогне на компаниите. Првиот човек на Македонската енергетска организација Кочо Анѓушев ја поздрави оваа идеја и ја повика владата што поскоро да донесе подзаконски акти, оти според него, многу брзо на пазарот ќе има вишоци на струја.
Првиот човек на ЕСМ Васко Ковачевски најави нови 12 инвестиции, кои ќе донесат и нови 1760 мегавати.
Енергетската криза да се искористи како можност, да се направат инвестиции кои што нема да дозволат во иднина да се случуваат потреси на енергетскиот пазар, какви што Европа ги има во моментов, заклучија учесниците на панел-дискусијата посеветена на енергетиката, која се одржа во рамките на вториот ден од конференцијата „Година на нови можности“.