Енергетска војна: Макпетрол против владата, кој е монопол, а кој ја дефокусира јавноста?
Ниту топланите, ниту бизнисот ќе остане без природен гас, тврдат денеска надлежните, откако вчера Макпетрол најави дека од 1 јануари прекинува да снабдува гас. 12 компании од земјава имаат лицанца за трговија со овој енергенс, а од нова година ќе постојат нови правила во трговијата, вели првиот човек на Регулаторна Марко Бислимовски.
Причината за повлекувањето на Макпетрол е договорот за интерконекција меѓу домашниот оператор ГАМА и бугарскиот Булгартрансгас, кој стартува од нова година. За Макпетрол тој е избрзан и неприменлив. За Владата, со него се отвораат можности за снабдување и од други извори освен рускиот гас, па ова го претстави како крај на монополот и почеток на либерализација на пазарот со природен гас. Поради ова, министерот за економија Крешник Бектеши, овој потег на Макпетрол го нарече неодговорен. Од Макпетрол денеска демантираат.
„Повеќе од 40 компании во Македонија имаат лиценци за увоз на природен гас, што целосно ги демантира тврдењата на министерот за економија, Крешник Бектеши, дека „Макпетрол“ има монополска позиција на овој пазар. Оваа изјава, како и низа други кои што од негова страна беа пласирани, служат само за да ја дефокусираат јавноста од главниот проблем - дека државата и нејзините институции популистички се фалат оти пазарот со природен гас е либерализиран, а притоа земјата ниту има сертифициран оператор, ниту се донесени нужните подзаконски акти, ниту се вопоставени правилата на функционирање“, велат од Макпетрол.
За властите, подзаконските акти кои се донесени се согласно европската регулатива, а за новите правила кои стартуваат од нова година, биле известени сите, вклучувајќи го и Макпетрол. Првиот човек на Националните енергетски ресурси Бајрам Реџепи категорично демантира дека со измените на правилата бизнисот за гас се мести за однапред познати компании.
Во меѓувреме, ако мораат, скопските топлани можат да работат на дизел или мазут, но само 10 дена. За повеќе, ќе им треба дозвола од Инспекторатот за екологија.