Енергетска криза и алтернативи

Енергетската криза во земјава се менаџира политички, а не според економските логики. Експертите предупредуваат дека ваквиот пристап ја остава државата ранлива и без јасна стратегија за справување со ценовните шокови.

Според Дејан Димовски од „Инженери на Македонија“, Македонија како увозно зависна земја има многу ограничен простор за реакција и најчесто се сведува на интервенции преку даночната политика, наместо на долгорочни решенија. Во однос на мерките, очекува Владата и во иднина да се потпира на веќе користените алатки, намалување на ДДВ или акцизи, бидејќи други инструменти практично и нема на располагање.

Димовски потсетува дека клучни одлуки од минатото, како продажбата на рафинеријата ОКТА, ја оставиле земјата без сопствен капацитет за преработка на нафта, што денес директно влијае врз цената на горивата. Според него, во услови на целосна зависност од увоз, секое движење на берзите веднаш се прелева врз домашниот пазар.

Дополнително, предупредува дека ваквата структура на економијата, базирана на трговија и услуги, ја прави особено чувствителна на цените на горивата, особено на дизелот, кој е клучен за транспортот. Тоа, како што вели, ќе значи и нов притисок врз инфлацијата во наредниот период. Во споредба со Македонија, европските земји применуваат поразвиени механизми за заштита, од ограничувања, до различни ценовни политики и субвенции. Анализите, вели Димовски, покажуваат дека реалната слика за цените е поинаква од официјалните тврдења, дека имаме најевтини горива во регионот.

Експертите предупредуваат дека без јасна стратегија и инвестиции во енергетска независност, земјата ќе остане изложена на надворешни шокови, а граѓаните ќе продолжат да ја плаќаат цената на тие политики.