Енергетска европска заедница: Украина, Србија и Црна гора подобри од Македонија

Ќе ја поминете групата, но ќе бидете елиминирани во четвртфинале - вака, со фудбалски речник ја опиша енергетската слика на Македонија во однос на земјите во Европа, првиот човек на Секретаријатот на Европската енергетска заедница Артур Лорковски.

Презентирајќи го извештајот за ланската година, тој ја смести земјава во средината, со 53 отсто усогласено законодавство со ЕУ, но зад Украина, Србија и Црна Гора, кои имаат подобра енергетска слика. Првиот европски енергетичар бара земјава да го забрза процесот на енергетската транзиција. Македонија ќе добие право на извоз на струја во ЕУ на 1 јануари 2026-тата, но со сегашното производство на јаглен, поради високите даноци, тоа нема да биде исплатливо.

Фалејќи ја работата на Регулаторната комисија и нејзиниот претседател Бислимоски, Лорковски побара надлежните да продолжи со носењето на Законите за електрична енергија и обвновливи извори на енергија, чија работа запре поради изборите во земјава. Откако дојдовме на власт, енергетиката ни е приоритет, се пофали претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и пратеник на ВМРО ДПМНЕ Бојан Стојаноски.

За извезената струја да стане конкурентна во Европа, земјава треба да го напушти производството на јаглен. Планот е РЕК Битола да стане гасна, а РЕК Осломеј да се претвори во фотонапонска централа. Пред две недели Владата промовираше странска инвестиција во ветерен парк со капацитет од 400 мегават часови, што е повеќе од половина од производството на најголемиот капацитет во земјава РЕК Битола или 20 проценти од потребите на земјава.