Електричните возила e-go ќе се произведуваат во Тетово

Електрични возила e-go ќе се произведуваат во Македонија откако Владата на денешната седница обезбеди услови за мултимилионска инвестиција од НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ, Ахен, Германија со која во ТИРЗ Тетово ќе се отворат 3-4.000 нови работни места.

Владата денес донесе одлука да даде согласност за Договорот за доделување на државна помош склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“.

– Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и се разбира за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Придобивките, се вели во соопштението, од оваа инвестиција се многукратни – од отворање на нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании.