Екстрадицијата на осомничениот Палевски може да трае и со месеци
Брза екстрадиција на Љупчо Палески – Палчо од Турција, кој е осомничен за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски може да се случи само доколку самиот се согласи да биде предаден, информираа денеска од Министерството за Правда. Иако во експресно краток рок, македонската страна завршила со подготовка за испраќање на барањето за екстрадиција, а вчера добиле потврда и дека официјално е примено барањето, во Министерството за правда не очекуваат екстрадицијата да се случи за денови или недели, туку во најдобар случај би се работело за месеци.
„Екстрадицијата може да се случи по скратена постапка, но само ако притвореното лице се согласи да биде предадено. Има право на жалба и на притворот и на секоја фаза од постапката за екстрадиција. Негово лично право е да побара да биде скратена екстрадиција и негово право е да се жали на постапката. Знаејќи за кого се работи во овој случај, очекуваме тој да се жали на секоја точка и запирка во целокупната постапка, објасни Гордана Милевска, раководител на одделението за меѓународна правна помош во Министерството за правда.
Сепак, јавноста во Македонија нема да биде информирана за постапките во случајот на Палевски, затоа што како што велат од Правда, Турција нема обврска да не известува за секој преземен чекор на Палевски. Голема е веројатноста тој да побара и азил, но мали се шансите да го добие тоа право.
Азил се бара веднаш по пристигнувањето во одредена држава, а не откако лицетѕо што бара азил, ќе биде уапсено. Палевски може да побара азил, но шансите да го добие се помали поради деликатниот случај.
Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ деенска рече имаат одлична соработка со турските органи и дека очекува во многу брзо време повратен одговор кога ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски.
Претседателот Стево Пендаровски во текот на вчерашниот ден испратил порака до кабинетот на турскиот колега Реџап Таип Ердоган, во врска со екстрадицијата на осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски.
Од кабинетот на Пендаровски не соопштуваат повеќе детали за содржината на пораката.
Пендаровски во интервју за „360 степени“ во понеделникот кажа дека размислува во следните денови да испрати порака до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за екстрадицијата на Љупчо Палевски, да се случи побрзо.
Министерот за правда, Кренар Лога, на неформална средба со турскиот амбасадор добил уверување дека Турција нема намера да бара замена Палевски за Ѓуленистите, и побара медиумите да не ја отпочнуваат оваа тема.