Експлозии во главниот град на Јемен, Хутите тврдат дека напаѓала коалицијата предводена од Саудиска Арабија

Силни експлозии синоќа одекнаа во јеменската престолнина Сана, по наводни воздушни напади извршени од борбени авиони на коалицијата предводена од Саудиска Арабија.

Агенцијата ДПА пренесува изјави на сведоци дека експлозии се слушале во повеќе делови на главниот град, додека столбови чад се издигнувале во близина на претседателската палата и планината Ал-Нахдаин, која се издига јужно од градот.

Медиумите под контрола на Хутите објавија дека „саудиската агресија“ била насочена кон Сана, како и кон провинциите Саада, Таиз и Амран, без да соопштат цели на нападите ниту обем на причинетата штета.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија засега не ги коментираше наводите за воздушни напади врз Сана.

Нападите следуваа откако коалицијата објави дека пресретнала две балистички ракети и четири беспилотни летала што Хутите ги лансирале кон градовите Хамис Мушаит и Џазан во јужниот дел на Саудиска Арабија.

„Продолжуваме да преземаме и спроведуваме оперативни мерки за одвраќање на терористичката милиција на Хутите“, изјави портпаролот на коалицијата Турки ал-Малики.

Хутите ги засилија нападите врз соседна Саудиска Арабија во услови на нова ескалација на војната во Јемен.

Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен и во повеќе наврати изведуваше воздушни напади врз Хутите, како дел од воената коалиција предводена од Ријад.