Експертите апелираат до Регулаторот, да не се откажува од блок тарифите!

Струјата ќе поскапе за 34 отсто ако се укинат блок тарифите, реагираат од Инженери на Македонија по најавата на претседателот на РКЕ Ацо Ристов за можни измени на моделот. Според инженерот Дениз Мустафоглу воведување единствена цена на струјата би значело повисоки сметки, особено за домаќинствата што трошат помалку и користат евтина тарифа. Мустафоглу се сомнева дека изјавата на Ристов е паушална и дека зад неа не стојат останатите членови на Регулаторна.

Пред четири дена, првиот човек на РКЕ Ацо Ристов најави дека институцијата ќе прави анализа на сегашниот модел со блок тарифи и не ја исклучи можноста за нов начин на пресметка на струјата.

Блок тарифите беа воведени пред четири години со цел домаќинствата што трошат помалку да плаќаат пониски сметки, но и да се поттикне порационална потрошувачка, според принципот „кој троши помалку, плаќа помалку“. Од Инженери на Македонија бараат секоја евентуална промена да биде транспарентно образложена и проследена со јавна дебата. Во меѓувреме, останува неизвесно дали Регулаторна ќе остане на сегашниот модел со блок тарифи или ќе отвори постапка за негово менување во наредниот период.