Експерти за економските политики на власта

Новата влада ги заобиколи проблемите со кои се соочува стопанството, а недостатокот на кадар кој е главен предизвик на приватниот сектор за овие 100 дена владеење го немаше никаде во агендата на властите.

Бизнис заедницата очекувала многу повеќе но не добила ништо. И покрај парите од кои им се ветени од унгарскиот кредит, работодавачите велат дека немаат никакви информации ниту кога ќе може да аплицираат за дел од средствата. 

„Очекувавме дека оваа влада ќе има сенс за бизнисот со сите овие кризи со кои се соочуваме во работењето, меѓутоља она што се зборуваше во минатиот период беше само зголемување на платите во јавната администрација, земање на кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето на работна сила, со еден збор -  ништо.“ - Владанка Трајковска претседателка на Организацијата на работодавачи.

Ставот на експертската јавност е дека оваа влада на економски план работи согласно најавените политики. Во овие 100 дена на власт исполенти се неколку предизборни ветувања, а постои и можност за инвестиции со парите кои преку кредит се земени од Унгарија, вели за Телевизија 24 Благица Петрески од Институтот Фајнанс Тинк. Таа смета дека во моментов е премногу рано да се даде генерална оценка што е сработено а каде потфрлила на економски план.

„Тоа што е многу позначајно во моментов наместо да коментираме конкретни политики кои во овие 100 дена биле превземени е во која мера ќе биде фокусот ставен на реформите. Реформи кои значат, јакнење на човечкиот капитал, реформи кои значат справување со сивата економија, реформи за пазарот на труд, затворање на тие јазови кои ги имаме.“ - вели Петрески.

Бизнис заедницата и порача на владата дека потребно е да се работи заеднички на подобрување на продуктивноста на компаниите, изнаоѓање на пазари, и конечно подобрување на инфраструктурата. Експертите, пак се на став дека кога оваа власт ќе го објави новиот буџет за догодина, и јасно ќе се знае за што планира да ги троши народните пари ќе се има една подобра слика за тоа како владата ќе постапува во периодот што следи во однос на економските политики.