Експерти: Случајот Соравиа е последица на повеќедецениската недопирливост на законот за лидерството на ДУИ
Додека Јавното обвинителство ги чека институциите кои вчера ги повика да реагираат за случајот Соравија, правните експерти се сомневаат дека случајот со внукот на Али Ахмети ќе добие разврска.
За поранешниот судија Валентин Зафиров Соравија е само последица на недопирливоста на законот за лидерството на ДУИ, потсетувајќи на сведочењето на поранешниот разузнавач Слободан Богоевски пред суд во Њујорк, дека Али Ахмети и Муса Џафери земале мито од Маѓар Телеком, за да му ја чуваат монополската позиција на пазарот, но наместо истрага, на Богоевски му се судеше за клевета.
За опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчерашното соопштение со кое јавното обвинителство ги повикува институциите да отпочнат постапка е смешно и трагично. Од партијата денеска објавија фотографија на која братот на Али Ахмети и татко на Дрин Ахмети е во друштво со шефот на обвинителството за организиран криминал Ислам Абази.
Од Антикорупциска најавија дека ќе отворат предмет за 25-годишниот Ахмети, но ќе проверуваат како со неговата фирма Еверест ЏД добил концесија од ЕСМ за ископ на варовник, кој се користи во термоелектраните. Освен тоа, пред четири години добил концесија и за изградба на хидроелектрана, а пред неколку денастана сопственик на 39 отсто од бизнис центарот Соравија во Скопје.
Вицепремиерот Артан Груби вели дека не знаел за бизнисите на внукот на Али Ахмети. Ги повика инстиуциите да проверат, но рече дека ако не најдат ништо сомнително, сите да му се извинат на младиот бизнисмен.

