Експерти: Проблемот за јавниот долг не е во недостигот од закони, туку во слабата контрола и отсуството на одговорност

Прво се распишува набавката, потоа парите се пренаменуваат, а кога ќе стигне сметката, во буџетот веќе нема со што да се плати. Така, според економистот Виктор Митевски, се создава внатрешниот долг на државата, кој денес се приближува до 700 милиони евра и со години се пренесува од еден во друг квартал. Тој вели дека државата има и закони и контролни механизми, но тие често се третираат како бирократска формалност, наместо како алатка за управување и отчетност. Проблемот почнува уште при планирањето, кога се предвидуваат приходи што реално не можат да се соберат и се отвора простор за обврски кои нема од што да се платат.

Државниот внатрешен долг достигна близу 700 милиони евра, откако обврските на 903 државни институции се доспеаале во висина на овие пари, а досега не се платени кон доверителите. Од овие пари речиси половина им се должат на приватни фирми и организации. За шест месеци долгот пораснал за 26,4 милиони евра, а меѓу најголемите должници се железничките и енергетските компании, општините и јавните здравствени установи. Законот забранува институциите да преземаат обврски ако немаат обезбедено пари во буџетот. Но, бидејќи системот за контрола сè уште не функционира целосно, парите може да се пренаменат и правилото да се заобиколи, објаснуваат експертите. Митевски смета дека, покрај техничката контрола, мора да има и видлива одговорност за секој што одобрил или спровел таква одлука.

Јавниот долг на земјава изнесува 10,7 милијарди евра, или 58,8 проценти од БДП. Но, во оваа бројка не е опфатен голем дел од речиси 700 милиони евра неплатени обврски на јавните институции. Кога и тие ќе се земат предвид во пошироката слика за задолженоста, товарот врз јавните финансии ја надминува психолошката граница од 60 проценти од БДП.