Експерти: проблемот не е висината на долгот, туку начинот на кој се трошат парите и дали тие носат економски раст
Владата мора да биде внимателна со нивото на долгот, откако новата издадена еврообврзница од 1 милијарда евра ќе ја приближи земјава на нивото на јавен долг од 60 проценти од бруто домашниот производ.
Според дел од економските аналитичари, тоа е средно-висок долг, кој сам по себе не е проблем, но ако земениот кредит не создава додадена вредност, а економијата не креира раст, земјата ќе тапка во место, а долговите ќе растат..
Во услови кога најголемиот дел од буџетот се троши за тековни расходи, а само мал дел за продуктивни и развојни инвестиции, додека глобалните финансиски шокови се се почести, постои опасност од зголемен ризик за враќање на долговите.
Ланската година земјава ја заврши со јавен долг од 58,8%. Новото задолжување од една милијарда евра кое Министерството го објави вчера ќе го зголеми овој долг за неполни 2 отсто, оти со тие пари ќе се врати еврообврзницата од 2020 година во висина од 700 милиони евра, а 300 милиони ќе бидат нов долг. Според Треновски, една од клучните реформи кои земјава мора вистински да ги направи е борбата со сивата економија и корупцијата.
Новото задолжување преку еврообрзница е направено преку две транши од по 500 милиони евра. Едната со рок од четири години и камата од 3,87 отсто, а другата со рок од осум години и камата од 4,75 проценти. Со ова, но и со старите долгови, земјава во следните пет години треба да врати 8 милијарти 804 милиони евра.

