Експерти: Не очекуваме драстични мерки со кои што ќе се стабилизираат цените на горивата

По намаленото ДДВ, намалувањето на акцизата на горивата е мерка која беше логично да се очекува да биде воведена од страна на владата, вели за тв 24 универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Според професорот не може да се очекуваат некои драстични мерки, со оглед на геополитичките случувања. Тоа што него повеќе го загрижва не се цените на горивата туку нивната достапност, односно снабдувањето со дизел горивото и на бензините. Ефектите на крајот според Ивановски ќе зависат од берзанските движења. 

Зоран Ивановски универзитетски професор 

„Мора да бидеме свесни сепак државата во делот на инструментариумот, фискалните мерки  има ограничен простор, а можеби и буџетот не е во најдобра кондиција, стасуваат голем број на обврски. Јас лично не сум оптимист, затоа што многу тешко се стабилизираат и враќаат цените,. За тоа ќе треба навистина и наредниот период да докаже дека ќе има пораст на цените на горивото бидејќи сите одат од инфлаторните очекувања, односно сите очекувања однапред ги вградуваат во цената.“

Експертот за даночна политика пак, Славко Лазовски смета дека власта требало да излезе со мерки за ранливите категории на граѓани, а не да удри по државната каса. Неговиот став е дека ефектот од ваквите мерки ќе биде незначителен.

СЛАВКО ЛАЗОВСКИ ДАНОЧЕН ЕКСПЕРТ

„Треба да се заштитат токму оние слоеви на општеството кои најмногу ги погодува. Не е прашање само собирањето на данокот во оваа криза, туку е прашање колку добиваат пензионерите, колку добиваат социјалните случаи, колку добиваат другите општествени слоеви, како заштита од оваа криза. Јас очекував токму тие да ги заштити владата со одредени мерки. Меѓутоа на таа страна гледам дека се доцни со мерките или воопшто ги нема. “

Вчера владата реши да ја намали акцизата на горивата за дизелот за 4 денари по литар, а за бензините за 2 денари по литар. Оваа мерка доаѓа откаљко на сила е и намаленото ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто. Општиот став на граѓаните е дека со овие мерки, можеби има или ќе има некакво стабилизирање на цената на горивата, но останатите цени на најголемиот дел на  производите и на услугите  веќе се драстично зголемени.