Експерти: Корупцијата е канцер на општеството
Foto

Експерти: Корупцијата е канцер на општеството

Корупцијата е заразна и е метастазирана во сите пори на општеството. Власт која сака да се бори со неа треба да создаде институции и да бира луѓе со интегритет и без партиска книшка, кои нема да се бараат на конкурси. Ова го порачаа експертите на конференцијата „Општество ослободено од корупција“. Професорката Мирјана Најчевска рече дека не ни требаат нови закони, туку нивна примена. Таа порача дека граѓаните не ги корумпираат властите, туку моќниците се тие кои ги корумпираат граѓаните, а корупцијата ни почнува од најмали нозе. Така корупција е секоја незаслужена оценка, и подарок за наставничката. Побара со закон да се забрани флоскулата „најодговорно тврдам“ бидејќи праксата го покажала спротивното.

„Заради коруптивното однесување ние го дишиме овој воздух. Заради тоа што некој некому му дозволил да гради каменолом без да има дозвола, му дозволил зграда без да ги почитува правилата за градење. Корупцијата е многу опасна зошто носи бенефит за мал број на луѓе и негативни последици за целата заедница,“ - вели Мирјана Најчевска, професор.

Премиерот Заев образложи што се Владата направила во борбата со корупцијата. Покрај законите кои ќе го отворат патот кон независно обвинителство и судство, готов е и новиот закон за спречување на корупција и судир на интереси. За премиерот доказ дека Владата е посветена на борбата со корупцијата е тоа што за 12 месеци оствариле заштеда од 100 милиони евра, бидејќи јавните набавки биле транспарентни.

„Владата го разреши претходниот директорот на агенцијата за туризам со образложение за несовесно и невнимателно работење. Го прифати предлогот за разрешување на директорот на бирото за јавна безбедност чиј службен автомобил беше забележан во странска држава. Апсеше градоначалник од своите редови за кој имаше докази за криминал.“ - изјави Заев.

Според организаторите на дебатата пак има подобра клима за борба со корупцијата. Помош очекуваат од граѓанскиот сектор и медиумите. Побараа граѓаните да се охрабат и да пријавуваат корупција.

„Самата извршна власт ќе мора да изгради механизми за заштита на граѓаните кои ќе пријават корупција.“ - вели Ване Цветанов, Зелена Лупа.

Антикорупциската комисија во земјава не функционира од март годинава. Петмина од седумте антикорупционери си поднесоа оставки по скандалот дека токму тие злоупотребиле пари за патни трошоци. Претстaвничката од Антикорупциска рече дека добиле многу претставки од граѓаните по кои не можат да одлучуваат и и порача на власта - „да не дозволиме повторно да имаме корупција во антикорупциска“.

0 Коментари

Остави коментари