Експерти: Кој му го отвори патот на Мијалков?
Од условен отпуст до Монте Карло-случајот со екс директорот на УКБ Сашо Мијалков ја крена правната фела. Според адвокатот Асмир Алиспахиќ додека на лицето му трае условен отпуст не треба да му биде вратена патната исправа.
„Од пракса можам да кажам дека додека трае условен отпуст од надлежен суд во конкретниот случај првостепениот и второстепениот суд, лицето на коешто му е изречен условен отпуст секако дека не би требало да добие патна исправа, а второ не би требало воопшто да излегува од нашата држава додека трае условниот отпуст-првостепениот суд го проверува тој факт во делот на евентуално изрекување на тој условен отпост, заштитен надзор.“ - Асмир Алиспахиќ адвокат.
Алиспахиќ посочува дека согласно Деловникот и ЗКП и КЗ додека не истече условниот отпуст, посоченото лице се' уште се води како осудено лице, а на осудено лице се' додека не се утврди истото не може да му се издаде патна исправа со цел да може да ја користи внатре и надвор од границите на нашата држава.
„Во ситуација кога имаме таква одлука и е вратена патната исправа, секако дека на граничните премини, од граничната полиција нема забрана. Но, овде се поставува прашање, за кој предмет од наведените предмети била забраната? Она што е интересно е дека позитивното мислење и одлуката на судот води кон предметот „Трезор“, но станува збор за забрана којашто е изречена од правосилна пресуда и издржана и доделен условен отпуст за предметот на т.н. „Империја“. Тука за секој предмет поединечно треба да има конкретна забрана од судот и Обвинителство мислење. Во оваа ситуација треба да се проверат сите тие наводи. Од правен аспект, дали тоа е така и секако да се утврди тој факт. Но секако ако нема забрана, не му е забреното движењето.“ - Асмир Алиспахиќ адвокат.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов за ТВ 24 вели дека Сашо Мијалков се појавува на сите закажани термини, разговори и ги почитува мерките за заштитен надзор.
„На посоченото лице му се изречени мерки за заштитен надзор и истите ги почитува. Се појавува на сите разговори, закажани термини кога ќе биде повикан. После Нова година беше повикан и дојде на закажаниот термин.“ - Александар Пандов директор на Управата за извршување на санкции.
Слободата на Сашо Мијалков е со определена гаранција во износ од 11 106 501 евра во корист на РСМ, до правосилно завршување на постапката. Вчера ТВ 24 објави ставови од надлежните. Од Апелација тврдеа дека само ја потврдиле одлуката на Кривичен. Оттаму пак, постапиле по позитивното мислење на ОЈОГООК, а од Обвинителството тврдеа дека позитивното мислење се однесува на предметот „Трезор“.