Ексклузивно видео: Мигранти во долна облека поминуваат во кумановско Лојане вратени од српската граница
Ова не ниту сцена од филм, ниту видео од Газа. На ова шокантно видео до кое дојде ТВ 24, се мигранти од Бангладеш во Лојане, кои се вратени од српската полиција на ГП „Табановце“.
Полицијата им ја одземала облеката, телефоните, парите и ги вратила назад. Мигрантите исплашени да веруваат во домашните институции не сакале да одат во Транзитен центар „Табановце“ и барале да се вратат кон Грција.
Од невладината организација „Легис“, бараат разрешница на овој случај и да се отвори истрага од страна на Омбудсманот на Македонија и Омбудсманот на Србија, а набљудувачите за човекови права да имаат пристап на премините за да можат да се осигураат дека со луѓето нема да се постапува на овој начин..
„Досега сме сведочеле на слични вакви несакани инциденти, но размерите на насилство и човечка деградација, на која бевме сведоци во последните три дена се нови и вознемирувачки и никогаш досега не се случиле. Вообичаено, вакви инциденти се случуваат кога Европската унија налага и воспоставува нови рестрикции за движењето на емиграните низ балканската рута.“ - вели Јасмин Реџепи „Легис“.
Реџепи вели дека оваа ситуација е алармантна, и посочува дека во вакви случаи теретот на инцидентот паѓа на нашата држава и организаците бидејќи се вратени на македонска територија.
„Овој начин, на кој се спречуваат овие луѓе да влезат во Србија, претставува додатен безбедносен проблем. Знаеме што се случуваше во Босна, кога истиве овие репресивни мерки од страната на хрватската гранична полиција им се спроведуваа на емигрантите, веднаш потоа имаа проблеми во земјата каде се враќаа. Потоа, почнуваат криминални дејствија меѓу нив, немаат друг начин освен едни со други да влезат во конфликт да земаат пари да продолжат понатаму.“ - вели Реџепи.
Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, обидите за илегални преминувања бележат намалувачки тренд за 19% во однос на минатата година. Во периодот од 01 јануари до 21 декември 2023 година, на државните граници спречени се над 13 илјади обиди за илегални преминувања, а најголем дел од нив на границата со Р Грција-12.371 и на граница со Р Србија- 1.333 обиди.
- Сузбиена е и седумнаесетчлена организирана криминална група која како дел од меѓународен канал подолг временски период организирале криумчарење мигранти од Грција кон Унгарија и од Бугарија кон Р. Србија, за што кривично се пријавени 13 лица. Според земјата на потекло доминираат мигрантите од Сирија-911, од Пакистан-89 и од Конго-81. - велат од Министерство тоза внатрешни работи.
Јасмин Реџепи вели дека според бројката добиена од партнерските организации од Србија, последниве неколку дена бројката на нови регистрирани лица во Транзитниот центар „Табановце“, изнесува помеѓу 50 и 70 луѓе.