Ексклузивно интервју со еврокомесарот за буџет, Јоханес Хан

Не очекував дека Бугарија ќе биде таа што ќе ги блокира евроинтреграциите на Македонија. Ветото како механизам треба да постои, но не во тек на целиот преговарачки процес, туку на почетокот или на самиот крај од него - вели за тв 24 еврокомесар за буџет  на ЕУ Јоханес Хан. 

Сегашната техничка влада во Бугарија нема да влезе во решение со Македонија, клучот ќе биде во новата владата, по изборите. Ветото како механизам на ЕУ треба да постои, но не како закана  во целиот пеговарачки процес, истакна Хан

1.Пред три години бевте во Македонија, за потпишувањето на Преспанскиот Договор. Дали тогаш, помисливте дека по три години се уште ќе чекаме влез во ЕУ и ќе бидеме блокирани од Бугарија?

Не. Жалам што е така. Јас лично никогаш нема да се откажам. Затоа сум тука.  Сигурен сум дека можеме да направиме преговорите да почнат. Потоа, сум сигурен дека Северна Македонија ќе ги достигне другите и ќе биде тоа што беше пред 15 години, најдобар ученик во училницата.

2. Северна Македонија долго ги чека преговорите.   Направи болни компромиси, го смени името. Луѓето се разочарани. Дали ЕУ го губи кредибилитетот со овие блокади?

Целосно ги разбирам граѓаните. Тешко разбираат каде е проблемот или тоа дека една земја, било која, може да блокира одлука на 26 други земји додека останатите 26 како и Европската Комисија се за почеток на преговори. Правилата се такви. Откако Северна Македонија ќе стане дел од големото семејство, таа ќе ги има истите придобивки, бидејќи едногласноста е заштита за малите или земји од средна големина да не бидат надгласани од поголемите земји. Но, понекогаш, како што е случајот сега, тоа оди против интересите на друга мала земја. Јас сум оптимист. Мојот оптимизам беше дел од успехот кој досега го постигнавме. Македонската влада кажа дека повлекува црвена линија за бугарските барања за идентитетот.

3. Што може ЕУ да направи за да се избег нат уцени за ирационални прашања?

Мислам дека Охридскиот, договорот од Пржино и Преспанскиот договор се доказ на политичко лидерство подготвено на компромис да се склучи договор. Добар компромис е кога секој дава по нешто со цел да се постигне повеќе. Во интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на ЕУ. Мислам дека и Бугарија го знае тоа. Постои проблем. Мислам дека ваков проблем може само политичари да го решат. Ние сме навикнати да работиме на компромис. Експертите се добри да даваат совети, но лидерството е клучно. Треба да се најде решение кое ги зема предвид сите црвени линии. Треба да се најде решение кое е прифатливо за сите. За време на мојот престој, ќе остварам контакти со различни соговорници. Гледам дека има напредок. Мислам дека во прашање е време.

4. Зборувавте за едногласност. Дали Бугарија ги злоупотребува инструментите на ЕУ ? 

Често се случува и покрај тоа што не сакаме да видиме мултилатерално прашање да биде инфицирано од билатерални проблеми. Затоа, билатералниот аспект не треба да е дел од мултилатералните преговори. Тоа треба претходно да се реши. 

Надвор од преговарачката рамка? –

Да.Мора да биде надвор од преговорите така што нема да се врати следниот пат кога повторно ќе биде потребна едногласност за некое прашање. Мораме да појасниме еднаш засекогаш за да се концентрираме на супстанцата на преговорите.

5. Што мислите за португалскиот предлог ? Сега Словенија претседава..

Се чини дека предлогот е конкретен и изводлив. Се чини дека е основа за преговори. Сигурен сум дека словенечкото претседателство ќе продолжи. Благодарен сум на португалското претседателствување. Некои ќе помислат дека земја која е одалечена од регионот е помалку информирана и посветена. Но мора да се каже дека и оддалеченоста може да биде предност, тогаш полесно ви е да сте поискрен посредник. Мислам дека Португалија добро работеше. Сега е ред Словенија да се потруди. Словенците одлично го знаат регионот. Словенија по втор пат е претседавач со ЕУ. Тие би требало да придонесат да се постигне договор.

6. Германија смета дека правото на вето од една земја треба да се укине. Како тоа може да се постигне?

Секогаш сум велел дека прифаќам и разбирам дека на самиот почеток на пристапни преговори треба да постои едногласност и секако на крај пред конечното решение. Зашто е важно тоа што добивате нов член на семејството. Во меѓувреме, има скоро 200 решенија. Во овој случај не гледам потреба од едногласно решение. Ова е процес. На крај од процесот, ако сте на маса, ако постои преговарачки контекст, јас и понатаму верувам дека е потребна едногласност за сериозно прашање. Не гледам потреба од едногласност за целиот процес. Тоа само го одложува процесот.

7. Кога бевте Еврокомесар за проширување, бевте вклучен во тешки внатрешни процеси и преговори. Што мислите за сегашната ситуација во Северна Македонија?

Морам да кажам дека не сум во тек. Сега работам нешто различно. Зафатен бев со преговорите за буџетот, со Ковид. Се разбира дека ја следам ситуацијата што е можно повеќе. На некој начин тоа е мое дело. Се разбирам дека емотивно сум врзан со тоа. Како што веќе кажав, мислам дека Северна Македонија ги има сите намирници во своите раце за да го фати возот и да напредува во преговорите можеби повеќе од другите. Важно е да се биде фокусиран не само на економскиот развој, но и на ефикасноста на владеењето на правото. Тоа е важно. Но сигурен сум дека во Северна Македонија постои разбирање за ова. 

8. Се сеќавам на една од вашите силни пораки, дека мораме да си го смениме менталитетот за да напредуваме кон ЕУ. Дали се уште го мислите истото?

Не знам дали денес би го спомнал менталитетот, затоа што треба да се гордеете со вашиот менталитет, но мислев на тоа дека овде во регионот, тоа го кажав и овде денес, се уште се мисли и се прави така што вие морате да сте победникот, а ако не сте победникот, вие сте губитникот. Но, така не функционира во демократијата. Во демократијата, на крајот на краиштата треба да најдете заедничка основа, повторно се работи за компромис, а тоа не треба да се гледа како нешто негативно, туку позитивно, се работи за сопствеништво, дека секој конечно ќе може да се идентификува себеси со овој резултат, но ако имате чувство дека нешто ви е наметнато, можеби ќе се дистанцирате и нема да сте така посветени на спроведувањето и на менувањето на нештата. Во таа смисла го реков тоа, и се уште е валидно дека не треба да го менувате менталитетот, туку можеби овој дел од однесувањето.