Ексклузивни артефакти од 6 век п.н.е.: Кај струшко Корошишта откриен уште еден богат војнички гроб со злато, бронза и ќилибар
Археолозите дојдоа до нови значајни откритија на локалитетот Расница кај струшкото село Корошишта, каде што е откриен нов војнички гроб од архајскиот период, кој датира од 6 век пред новата ера. Во гробот се пронајдени богати гробни прилози, меѓу кои штит, шлем, копја, меч, како и разни предмети изработени од злато, бронза и килибар.Ова ново откритие следи по монументалните наоди на истиот локалитет од 2024 година, кога археолошките истражувања за првпат го привлекоа вниманието на јавноста со откривањето на монументална гробна целина. Меѓу тогашните наоди беа бронзен шлем со златни апликации, бронзен штит, златен надградник, златни прстени и фолии, килибарни и стаклена мониста, сребрени игли како и повеќе бронзени садови.Најновите резултати се од особено значење бидејќи дополнително и недвосмислено го потврдуваат карактерот на локалитетот Расница како некропола од архајскиот период.
Археолошките истражувања ги спроведува Националниот археолошки музеј од Скопје, во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство.Според надлежните ова е големо и многу значајни археолошко достигнување за Македонија
Овие наоди отвораат нови можности за научно проучување на погребните обичаи, воената и општествената структура, како и елитите што живееле на просторот на Охридско-струшкиот Регион во текот на 6 век пред новата ера а со континуираните теренски активности, Корошишта сè повеќе се издвојува како еден од најзначајните новооткриени археолошки комплекси од архајскиот период во земјава.

