Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков утре не оди во затворот во Струга - побарал одложување за 15 дена

Иако утре требаше да се јави на издржување на казната затвор од три години, сепак поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков нема да оди во затвор, дознава ТВ 24. Мијалков до надлежниот охридски суд побарал одложување наиздржувањето на казната а судот го прифатил барањето, но не целосно. Судијата му дозволил да го одложи влегувањето во струшкиот затвор но само за две недели. По истекот на овој рок, Мијалков сепак ќе мора да се пријави во затворот. Откако експресно од скопјанец стана охриѓанец поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков казната од три години затвор ќе ја одлежува во Струга. Но ова не важи за сите. Ова важи само за оние кои имаат многу пари и имот распространет на само дома туку и во странство. Според податоците на Управата за извршување санкции во Македонија има 11 казнено - поправни установи во десет градови, од што произлегува, велат од таму дека мнозинството осудени луѓе издржуваат казна затвор надвор од местото на живеење.

Управа за извршување санкции

„Освен местото на живеење, за распоредувањето на осудениците најбитна е висината на казната затвор и дали осуденикот е примарен сторител на кривично дело или е повторник. Во согласност со Законот за извршување на санкциите, Министерот за правда донесува правен акт со кој го определува видот на установите а донесува и Решение за распоредување, класификација и разместување на осудените лица“

Извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски вели дека во конкретниот случај иако против Мијалков се водат повеќе судски постапки а за дел од нив е и осуден сепак за него има само една правосилна пресуда. Тоа, вели тој, е причина зошто Мијалков може да лежи во затворот од отворен тип во Струга.

 

Затворски извори за ТВ 24 објаснуваат дека откако ќе почне да ја издржува казната затвор, третманот на Мијалков ќе биде ист како и за другите затвореници. Ништо повеќе ништо помалку. Причина за ова е тоа што затворот во Струга е од отворен тип и таму не постојат посебни одделенија како што има во другите затвори. Затворениците, објаснуваат тие се сместени сите на едно место. Поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков призна вина и се спогоди со Обвинителството за гонење организиранкриминал за случајот „Империја“. Со спогодбата, Мијалков е осуден на 3 години затвор. Освен ова му беше изречена и парична казна во износ од шест милиони евра а му беше одземен и дел од имотот вреден околу 30 милиони евра.