Економски ковид последици
Пандемијата со ковид-19 која трае веќе две години, остави големи последици за економиите ширум светот. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вели дека пандемијата покажала дека локалните и националните предизвици се и глобални.
Според него, владините пакет економски мерки имале за цел да ги задржат сите работни места и да се даде поддршка на компаниите на кои им било потребно.
Граѓанските организации за време на пандемијата беа вклучени во работа со најранливите групи во општеството, вели Благица Петреска од Фајненс тинк. Според неа, граѓанските организации од самиот почеток се застапувале на тоа да се зачуваат работните места на оние најзагрозени работници.
Економскиот експерт, Бранимир Јовановиќ, вели дека следува поголема економска криза од војната во Украина, поголема од онаа што беше предизвикана од ковид пандемијата. во последните месеци инфлацијата е шест, седум отсто, а во следниот период таа ќе се зголеми уште повеќе. Според него, војната во регионот ќе се одрази во мала мерка и на финансискиот пазар, а забавениот раст во ЕУ, ќе влијае и на Западен Балкан, бидејќи ЕУ е најголемиот трговски партнер на овој регион.
Лекциите од ковид пандемијата, можат да бидат корисни и за тековната криза и Владите треба да преземат дејствија, вели Јовановиќ, кој потенцираше дека иако пандемијата се одрази врз сите, богатите не страдаа исто како и сиромашните.