Економски колапс или економски успех?

Додека демографијата е во колапс, младите се почесто купуваат карта во еден правец, животниот стандард на граѓаните според статитиските на аналитичарите опаѓа и додека се живее за купи ден помини, политичката сцена во државата е обележана со остри расправии. Интензивни докажувања меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ околу висината на јавниот долг, новото планирано задолжување од 1,3 милијарди евра и економските резултати презентирани преку растот на бруто-домашниот производ.

Дел од универзитетските професори на ставот дека реторика проследена со популизам и демагогија никако не е инвестиција за подобар животен стадард на граѓаните. Универзитетскиот професор, Ванчо Узунов смета дека таквите реторики на оваа Влада се очекувани и истите ќе се гледаат и слушат се додека народот не пресечи дали ваквиот начин на водење политика е добар за нив или можеби ќе преземат прогресивна одлука која ќе треа да е подобра како за нивниот стандард така и за нивните генерации потоа.

Телефонска изјава: Ванчо Узунов – универзитетски професор

„Многу е големо прашањето кога се земат пари дури и кога не се за враќање на долгови, за што ќе се вложи. Ние сме се навикнале на тоа да мислиме дека инфраструктура се гради, тоа е скапа работа и се гради со задолжување и сега ајде ние ќе ја модернизираме државата ќе градиме автопатишта. Не се најпотребни автопатишта на Македонија. Не, на Македонија и е потребно добро образование за секој граѓанин и добра здравствена услуга!. Тоа се двата приоритети и тоа се најкапиталните инвестиции што треба да ги прави Владата. Автопатишта и други патишта и железници ќе ги изградиме. Ама ако немаме образована работна сила и здраво население бадијала ние градиме. Фактички се задолжуваме за да градиме. Така што тоа е сосема погрешна политика на Владата која го правда со некоја реторика која што е чиста неиздржана до крај демагогија. Но, додека доволно граѓани и веруваат на Владата таа ќе си продолжи така да прави и ние ќе си бидеме само позадолжени и позадолжени.“ – вели универзитетскиот професор, Ванчо Узунов.

Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од економските резултати, посочувајќи дека растот на БДП од 4,3 проценти во вториот квартал ја позиционира Македонија меѓу европските земји со највисок раст. Од ВМРО-ДПМНЕ сметата дека од скромни 1,6% раст во 2024 година влста денес стигна до 4,3% создавајќи стабилна основа за забрзан раст на македонската економија.

ВМРО-ДПМНЕ

“Најновите податоци за вториот квартал од 2026 година покажуваат реален економски раст од 4,3 проценти. И не станува збор за раст поттикнат од само еден сектор. Инвестициите пораснаа за 16,5 проценти, извозот на стоки и услуги за 10,4 проценти, а градежништвото бележи висок раст од 21,9 проценти. За само две години, економијата премина од раст од 1,6 проценти на 4,3 проценти. Тоа е мерливо, широко распространето и реално економско забрзување. Економските политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ даваат резултати.“ – велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна, опозициската СДСМ, предводена од Венко Филипче, обвинува дека Владата ја доведува државата до историски највисок долг од 12 милијарди евра. Од СДСМ велат дека за две години 4 милијарди евра нов долг со Мицкоски – празни џебови за народот а нови долгови.

СДСМ

„Додека народот едвај врзува крај со крај, цените растат, а платите стагнираат, Мицкоски трупа нови милијарди долг на грбот на граѓаните. Уште полошо, заедно со Кочовска се обидуваат да го фингираат јавниот долг и да ја излажат јавноста. Вистинската тема од која Мицкоски бега е долгот. Македонија ја носат кон 12 милијарди евра долг. Пред Мицкоски за камати се плаќаа околу 120 милиони евра, сега сумата достигнува 350 милиони евра. Додека граѓаните стануваат посиромашни, државата станува сè позадолжена. Тоа е економијата на Мицкоски: празни џебови и празни фрижидери за народот, а 4 милијарди евра нов долг на грбот на граѓаните за само две години.“ – велат од СДСМ.

И додека траат партиските докажувања кој во кое време ги подобрил стандардот на граѓаните од Сојузот на синдикати на Македонија потсетуваат дека додека македонските работници се на дното во Европа по висината на платите, македонските семејства се на самиот врв по делот од своите средства што го трошат за најосновното, на храна! Питсетуваат дека ниските плати, а особено ниската минимална плата, не им овозможуваат на работниците и нивните семејства достоинствен живот. Ваквата состојба, според ССМ, е доказ дека платите се премногу ниски, а животот за работниците е премногу скап!